Двајца прилепчани ќе учествуваат на трката околу Мон Блан
Прилепчаните Александар Стојкоски и Мери Мирческа се двајцата претставници од Македонија кои во август ќе учествуваат на најпрестижната трка во светот во планинско трчање околу Мон Блан, која се смета за неофицијално светско. Александар ќе трча на 100 км. а додека Мирческа на трката долга фантастични 170 км. „
„Во мојава трка има околу 3.000 натпреварувачи, навистина конкуренцијата е прејака и може да се каже дека е една од најпрестижните и најјаки трки во светот. За оваа година имам таргетирано и време кое што би целел, некаде околу 13.5 часа“, истакна Александар Стојкоски, планински тркач.
Мирческа веќе има истрчано 160 км на трката во Пирин, Бугарија.
„Се трча околу регионот на Алпите, значи не го искачуваме Мон Блан, највисоко до кај 3.000 метри надморска висина одиме, меѓутоа најголем дел од трката се одвива од 1.000 до 2.500 метри, каде што изобилува со свеж кислород. На Мон Блан е многу повисоко и таму не е можно да се трча. Планирам да ја завршам трката за околу 31 час и 20 минути“, рече Мери Мирческа, планински тркач.
Иако е искусна во овој спорт вели дека за секоја трка над 100 км. потребна е огромна физичка и психичка подготвеност.
„После 120 км. влегуваш во една друга димензија, испаѓа повеќе како преживување отколку трка. Телото подруго се чувствува и психички и физички си многу истоштен. Буквално во друга димензија навлегуваш“, додаде Мирческа.
Стојкоски лани за 19 часа без одмор со трчање искачи 23 врвови на Баба планина повисоки од. 2.000 метри. Годинава веднаш по Мон Блан планира да ја трча т.н западна трансверзала од Шара до Охрид и да се искачи на 24 врвови повисоки од 2.000. метри.
„Тоа е најпрестижна планинарска патека, за секој планинар е најголем предизвик да ја помине таа трансферзала, но јас ќе се обидам да ја истрчам во два дена“, истакна Стојкоски.
За овај потфат логистика ќе му биде Мирческа, која постојано ќе го прати, а доколку успее Стојкоски ќе стане единствениот Македонец кој ја истрчал оваа дестинација за само 48 часа. Во јули Стојкоски планира годинава да ги искачи со трчање и сите врвови околу Солунска глава повисоки од 2.000 метри за 24 часа, детсинација од 90-тина км.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
