Две години затвор за Љамалари за нападот врз градоначалничката Арсовска
Сулејман Љамалари доби две години затвор за нападот врз скопската градоначалничка Данела Арсовска.
„Судот го огласи за виновен за сторено кривично дело – Насилство, по што му изрече казна затвор во траење од 2 – две години, а заради тоа што на 11.07.2025 година извршил грубо насилство врз градоначалничката на Град Скопје“ – се вели во соопштението од скопскиот Кривичен суд од каде додаваат дека Командант Барути има право на жалба во наредните 8 дена.
Тоа нема да му помогне да излезе на слобода бидејќи Судот одлучи до правосилноста на пресудата тој да остане во притвор но не подолго од 60 дена.
Љамалари е осуден затоа што на средината на јули ја удрил градоначалничката Арсовска додека таа вршела увид на наводни дивоградби во скопски Чаир. Тој прво доби куќен притвор но по жалба на обвинителството притворот му стана ефективен.
Во текот на судскиот процес, тврдеше дека не е напаѓач, туку жртва, бидејќи градоначалничката физички го нападнала кога се обидел да и го тргне телефонот со кој го снимала. Призна дека вербално ја навредувал но и дека трпел навреди од неа.
Арсовска пред судот сведочеше дека осудениот бил исклучително агресивен, и нанел телесни повреди а во нападот кој траел повеќе од четириесет минути таа се чувствувала загрозено, несигурно и исплашено.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар