Двојно поголем интерес за субвенции за возачки во Радовиш од предвиденото
Општина Радовиш ќе го зголеми буџетот за субвенционирање на возачки дозволи, откако интересот кај младите ги надмина очекувањата. Иако првично беше планирано субвенција од по 12.000 денари да добијат најмногу 40 лица, општината сега најавува дополнителни средства за оваа мерка.
Во рокот предвиден за поднесување апликации се пријавиле над 105 лица, што е околу 2,5 пати повеќе во однос на првичните проценки. Токму зголемениот интерес е причината поради која градоначалникот Љупче Почивалец најавува дека општината ќе најде начин да им излезе во пресрет на сите заинтересирани млади.
Услов за добивање на средствата е апликантите да достават доказ за положен возачки испит од Б категорија, односно издадена возачка дозвола.
Од општина Радовиш велат дека големиот интерес на младите е мотив мерката во наредната буџетска година да биде унапредена, а висината на општинската поддршка дополнително зголемена.
Освен за полагање возачки испит, општина Радовиш субвенционира и набавка на велосипеди. И за оваа категорија граѓани општината одобрува по 12.000 денари.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
