Свет
24. September 2025 - 9:33

Џими Кимел во емотивен монолог рече дека никогаш немал намера да ја омаловажи смртта на Чарли Кирк

Никогаш немав намера да омаловажам убиство на млад човек, рече Џими Кимел во воведниот монолог во своето прво шоу по кратката суспензија, поради коментари што ги даде за смртта на конзервативниот активист Чарли Кирк.

Синоќа се емитуваше првата епизода што ја водеше комичарот откако минатата недела емисијата беше симната од етер.

Кимел ја бранеше слободата на говорот, го спореди претседателот на Федералната комисија за комуникации (FCC) Брендан Кар со мафијашки бос, и се потсмеваше на настапот на претседателот Доналд Трамп во ОН вклучувајќи го инцидентот со ескалаторот.

Кимел, за време на својот монолог со видно насолзени очи рече дека никогаш немал намера да се шегува за смртта на Чарли Кирк.

-Немам илузии дека ќе сменам нечие мислење, но сакам да разјаснам нешто, бидејќи тоа е важно за мене како човек, а тоа е сфаќате дека никогаш не ми беше намера да го омаловажам убиството на еден млад човек. Не мислам дека има нешто смешно во тоа, рече Кимел.

Тој додаде дека не се обидувал да обвини ниту една специфична група за постапките на она што … очигледно беше длабоко растроена личност“.

-Тоа беше всушност спротивното од поентата што се обидував да ја истакнам, рече Кимел и додаде дека сфаќа оти неговите забелешки минатата недела на некои им изгледале дека се кажани во погрешно време, или нејасни, или можеби и двете“.

Во своето прво јавно обраќање од спорот, Кимел ја пофали Ерика Кирк што му прости на наводниот убиец на нејзиниот сопруг на комеморацијата за време на викендот.

-Тоа беше несебичен чин на милост … што длабоко ме трогна, рече Кимел.

Кимел го критикуваше Кар, кој прв повика на неговата суспензија, и Трамп за тоа што бараше отстранување на неговите колеги водители од доцните ноќни шоуа сите чести критичари на Трамп.

-Нашиот лидер ги слави луѓето што ги губат своите средства за живот затоа што не може да трпи шеги, рече Кимел, додавајќи дека Трамп отворено посакува луѓето да ги изгубат своите работни места, што е неамерикански“ и опасно“.

-Влада што се заканува дека ќе замолчи комичар кого претседателот не го сака е антиамериканска, рече Кимел во воведниот монолог во кој го поздрави јавниот бес поради неговата суспензија.

Тој му се потсмеваше на Трамп и затоа што го критикувал за лоши рејтинзи. Се потруди најмногу што можеше да ме откаже, а наместо тоа ги натера милиони луѓе да ја гледаат оваа емисија“, рече Кимел.

-Оваа емисија не е важна. Она што е важно е тоа што живееме во земја која ни дозволува да имаме емисија како оваа подвлече комичарот.

Кимел исто така се преправаше дека чита соопштение што Дизни му го напишал, а потоа гласно прочита: Како да ја реактивирате вашата Disney+ претплата“.

Синоќешната епизода не беше достапна на многу американски ТВ мрежи поради отпор од локалните станици, но можеше да се гледа на стриминг сервисот Hulu + Live TV на Дизни.

Гости во синоќешната емисија беа актерот Глен Пауел (Twisters, Chad Powers) и музичката гостинка Сара Меклахлан.

Емисијата беше суспендирана по неговиот монолог на 15 септември за убиството на Кирк, што предизвика бурни реакции. Кимел тогаш рече дека Трамп и неговите сојузници очајно се обидуваат да го претстават ова дете што го уби Чарли Кирк како нешто поинакво од нив“ и се обидуваат да извлечат политички поени од тоа“.

Тој исто така ја спореди реакцијата на Трамп на убиството на инфлуенсерот со начинот на кој четиригодишно дете жали за златна рипка“.

Овие шеги го разгневија Кар, кој рече дека Кимел се обидува директно да ја измами американската јавност“ со своите коментари за убиецот на Кирк.

FCC ги регулира радио, ТВ и сателитските фреквенции, што му дава моќ врз различни прашања, вклучувајќи спојувања и жалби за пристојност.

Коментарите на Кимел, заедно со загриженоста на локалните емитери кои управуваат со ABC станици, ја натераа мрежата неограничено“ да ја суспендира неговата емисија. Оваа суспензија предизвика силен отпор од законодавци, синдикати и застапници на слободата на говор. Познати личности и активисти повикаа на бојкот на Дизни, матичната компанија на ABC.Кимел доби поддршка и од своите колеги водители на доцните ноќни шоуа, меѓу кои Стивен Колбер (CBS), Џон Стјуарт и Сет Мајерс.

Дизни во понеделникот објави дека ќе ја врати емисијата по детални разговори со Џими“.

 

МИА