ДЗР: 457 лица загинале за 4 години во сообраќајки, пишани над 86 илјади казни за возење без дозвола
За четири години 457 лица загинале во сообраќајни незгоди во Македонија. Новиот извештај на државна ревизија покажува дека во периодот 2020-2023 година се случиле над 31 илјада сообраќајка, од кои речиси половина се со потешки последици.
„Оценивме дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и Европско ниво“.
Во октомври 2014 година, државата склучила договор со Светска банка за заем од 52 милиони евра, за да се подобри поврзаноста на регионалните и националните патишта со европските коридори и да се зголеми безбедноста на патиштата. Со овие пари требало да се реализира Проектот за рехабилитација на национални и регионални патишта. Но, според извештајот, парите се потрошени, а резултати не се постигнати.
Националната стратегија за безбедност на патиштата 2015–2020 е последната донесена стратегија за подобрување на сообраќајната безбедност. Не е направена евалуација ниту извештај за тоа колку е спроведена, бидејќи Владата не формирала тело задолжено за тоа.
„Самата таа реализација, односно нереализација на целите од националната стратегија доведува до ситуацијата којашто ја имаме со зголемување на бројот на сообраќајни незгоди и тешко повредени и загинати. При реализација на деловите од националната програма ако еден државен орган реализира дел од неа, а другиот не реализира, исто како никој ништо да не реализирал. Ова ви е систем на врзани садови. Ако некој нешто сработи предвидено е и дека оној другиот нешто треба да сработи за тие две да се поврзат и да има некаков ефект“ – Дејан Трпевски, сообраќаен инженер
Според извештајот, за пет години, од 2019 до 2023-та, изречени се 45 илјади глоби поради возење под дејство на алкохол. Полицијата пишала над 86 илјади казни на возачи кои седнале зад воланот без возачка дозвола.
„Тој дел е алармантен дел, меѓутоа самиот систем, начинот на кој се врши полагањето на возачкиот испит, системот како што е дизјаниран, знаеме какви се недостатоци има и на што се луѓето се жалат во процесот на полагање на возачките испити, ги тера луѓето едноставно да дигнат раце од полагање и викаат па не морам да полагам, ќе возам кола без возачка дозвола. Затоа што знае дека репрекусиите за управување на моторно возило без возачка се никакви, едноставно ќе плати некаква казна и продолжува да вози“ – Дејан Трпевски, сообраќаен инженер
Ревизорите забележуваат дека системот „Безбеден град“, со кој раководи МВР, е функционален и се одвојуваат средства за негово одржување, но не се користи за казнување на прекршоци поради недоволна законска регулатива.
И покрај слабостите во системот, Македонија бележи нешто подобри резултати во однос на бројот на жртви во сообраќајни незгоди на милион жители во споредба со останатите земји од Западен Балкан, со исклучок на Косово.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар