Македонија
8. April 2026 - 16:32

ДЗР: Населението во Македонија енормно старее, има повеќе пензионери од работници

Во Македонија има се повеќе стари лица, а многу малку капацитети за нивно згрижување. Загрижувачки податоци за структурата на населението констатирале од Државниот завод за ревизија. Има пад во младата популација и на бројот на работоспособното население. Првиот ревизор најави подетални информации и препораки во извештајот кој ќе го објават утре и посочи дека се потребни и сериозни реформи во пензискиот систем зошто во моментот има повеќе пензионери отколку работници.

  • Имаме загрижувачки податоци во делот на работоспособното население, загрижувачки податоци во делот на сместувачки капацитети и нега на стари лица и слично, податоци што укажуваат на потреба од интензивни реформи во пензискиот систем, бидејќи од една страна имаме поголем број на корисници на пензија, а од друга, помал број на вработени, изјави Максим Ацевски, главен државен ревизор

Сериозни забелешки државните ревизори констатирале и во дијагностицирањето на малигните заболувања. Здравствените власти мора да преземат сериозни мерки, зошто резултати за испитувања на рак се чекаат со месеци, но и по половина година.

  • Мора да имаме сериозен пристап во делот на создавање на потребни човечки ресурси, медицински персонал, вреднување на нивниот труд и користење на опрема. За жал и понатаму има констатација дека имаме набавено медицинска опрема што за жал не ја користиме. Да не зборувам за временскиот период за чекање во кабинетите за мамографија на дојка, каде што временскиот период на чекање од скринингот до одреден преглед, е некаде повеќе од 157 дена, рече Ацевски.

Забелешки за скрининг програмите на здравство за рано откривање на рак на дојка и на грлото на матката имаат и од здружението на онколошки пациенти, а не е задоволен ниту министерот, кој најави промени во методологијата и следењето на пациентите.