ДЗР: Потребни реформи за одржлив пензискиот систем и соодветна грижа за старите лица

Просечната старост на населението е зголемена од 32,3 години во 2000 на 41,8 години во 2024 година. Учеството на лицата над 65 години расте, додека уделот на помладите генерации опаѓа. Главната причина за демографскиот пад не е само нискиот наталитет, туку и емиграцијата на населението, се наведува во Конечниот ревизорски извештај за извршената ревизија на успешност на тема „Стареење на населението“.
Истражувањето е направено со цел да се даде одговор на прашањето „Какви мерки и активности преземаат надлежните институции околу грижата за старите лица на возраст над 65 години и одржливоста на пензиските фондови во земјата, а поврзано со забрзаното стареење на населението во земјата?“.
Во Извештајот се посочува дека во последните години се регистрирани драстични намалувања: кај децата во прво одделение во однос на родените шест години претходно бројот на запишани во основно училиште е понизок за 2.774 ученици, а кај матурантите оваа разлика е повисока и изнесува 34,6 проценти - од 22.585 живородени / 14.771 матуранти. Овие информации се споделени во денешното соопштение на Државниот завод за ревизија.
-Со ревизијата е опфатен периодот од 2014 до јуни 2024 година, со цел да се даде одговор на прашањето во врска со мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции во Северна Македонија околу грижата за старите лица на возраст над 65 години и одржливоста на пензиските фондови во земјата, а поврзано со забрзаното стареење на населението во земјата. Со спроведената ревизија стекнавме разумно уверување дека иако надлежните институции имаат преземено мерки и активности, не е обезбедена целосна и соодветна грижа за старите лица над 65 години и за управувањето и одржливоста на пензискиот систем во услови на забрзано стареење на населението, се додава во соопштението.
Преземените мерки и активности од надлежните институции, како што наведуваат оттаму, не се доволни за одржливост на среден и долг рок, односно не се преземени потребните системски мерки за намалување на брзото демографско стареење на населението и зголемените притисоци врз јавните финансии.
Се додава дека иако пензискиот систем димензиониран во три столба, обезбедува редовна исплата на пензии, неговата фактичка одржливост е нарушена поради неповолните демографски трендови, ниската стапка на придонеси, како и зголемувањата на пензиите кои не се засновани на раст на платите, вработеноста и придонесите.
- Иако пензиите се исплаќаат навремено, тоа се постигнува со растечки буџетски трансфери и со одложување на потребните структурни реформи. Инвестициските портфолија на задолжителните пензиски фондови се концентрирани во домашни државни обврзници што го ограничува приносот на пласираните средства поради ефектот на инфлацијата. Покрај усвојувањето на повеќе стратешки документи, нивната имплементација не е на задоволително ниво. По истекот на Националната стратегија за стари лица во 2020 година, државата нема донесено сеопфатен стратешки документ исклучиво посветен на старата популација. Услугите за старите лица се ограничени, услугата помош во домот е достапна за помалку од 1 отсто од лицата над 65 години, а воопшто не е воспоставена во 31 општина. Доминантен дел од грижата и натаму припаѓа на неформалниот сектор и на семејствата, се појаснува во соопштението.
Од ДЗР истакнуваат дека како резултат на наведеното, потребен е сеопфатен, меѓуресорски ангажман со јасни рокови, финансирање и разграничување на должностите за постапување. Навремените и координирани структурни реформи би придонеле за намалување на ризиците, односно системот за пензиска и социјална заштита да може соодветно да одговори на забрзаното стареење на населението.
Извештајот од извршената ревизија на Државниот завод за ревизија, нагласуваат, кој детално ги анализира состојбите во пензискиот систем, демографските трендови и капацитетите за долготрајна нега на лицата над 65 години покажува дека пензискиот систем во земјава се соочува со сериозни предизвици за одржливост, а грижата за старите лица останува недоволно развиена и нефункционална во услови на брзо демографско стареење.
- Првиот столб на пензискиот систем кој е организиран на солидарна основа континуирано работи со негативно финансиско салдо. Расходите за пензии ги надминуваат приходите од придонеси, а разликата се покрива со трансфери од Централниот буџет на државата. Во периодот од 2014 до 2024 година, учеството на буџетските средства во вкупните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се движи помеѓу 32,6 отсто и 43,6 проценти. Во 2024 година трансферите од Централниот буџет достигнуваат 42.474 милиони денари - приближно 690,6 милиони евра. Проекциите за крајот на 2025 година укажуваат на дополнително зголемување на трансферите, што претставува значителен фискален ризик за државниот буџет. Усогласувањето на пензиите се врши според Швајцарскиот модел, што овозможува континуиран раст на просечната пензија за анализираниот период 2015 - 2025 година, стои во извештајот.
Извештајот потсетува дека во текот на 2024 и 2025, висината на пензиите се зголемија линеарно неколкупати што не е проследено со зголемување на платите на осигурениците и зголемување на бројот на осигуреници кои плаќаат придонеси. Просечната пензија бележи раст за целиот период и во октомври 2025 достигнува околу 27.143 денари, но, овој раст се финансира и со буџетски трансфери.
Според проекциите на ДЗР, уделот на лицата над 65 години ќе се искачи од 19,1 отсто во 2025 на 32,6 проценти во 2050 и 34,2 отсто во 2055 година. Бројот на лица над 80 години ќе се зголеми од околу 22.000 во 2024 на над 144.000 во 2055 година, додека работоспособното население - 15 - 64 години, ќе се намали за приближно 470.000 лица. Во отсуството на навремени и ефективни реформи, трансферите од буџетот за првиот пензиски столб би можеле да достигнат 7,4 проценти од БДП во 2057 година што, како што се додава, ќе доведе до сериозно оптоварување на Централниот буџет.
- Системот за грижа за стари лица е недоволно развиен. По истекот на Националната стратегија за стари лица во 2020 година, државата веќе седум години нема донесено активен сеопфатен стратешки документ за грижа за лицата над 65 години. Националната развојна стратегија 2024–2044 за првпат го третира демографското стареење како егзистенцијално прашање, но, претходните стратегии кои се поврзани со оваа тема покажуваат системски слабости: преобемни цели, нејасни рокови, отсутни финансиски проценки и неефикасна координација, стои во извештајот.
Се додава дека буџетот за социјална заштита од 2019 до 2025 е зголемен за 68,8 проценти, но растот е главно насочен за исплата на паричните права - надоместок за помош и нега од друго лице, социјална пензија. Надоместокот за нега во 2024 година го користеле над 33.600 лица над 65 години - 60,2 отсто од корисниците, и во пракса служи како замена за формален систем на долготрајна нега, главно преку негуватели кои се членови на семејството на лицето кое има потреба од грижа. Социјалната пензија опфаќа 13.230 корисници, но, износот е двојно помал од минималната пензија и не ја намалува сиромаштијата.
Исто така, во извештајот се додава дека формалните услуги за стари лица се ограничени - услугата помош и нега во домот опфаќа околу 3.000 корисници - помалку од 1 отсто од 315.000 лица над 65 години и не е достапна во 31 општина во земјата, дневните центри имаат капацитет од само 200 лица, а домовите за стари лица располагаат со 2.378 кревети - 7 легла на 1.000 жители над 65 години. Притоа, се посочува, постојат листи на чекање и нерамномерна географска распределеност - претежно во скопскиот регион, што е уште еден показател за недоволниот капацитет на овие услуги, информираа од Државниот завод за ревизија.
Според извршени проекции заклучно со 2024 година околу 63.000 лица над 65 години имаат потреба од долготрајна нега додека до 2050 година овој број ќе порасне на 108.000 лица - за 70 отсто. Поради ова без значително зголемување на капацитетите, се додава, товарот ќе падне врз семејствата и неформалниот сектор.
- Северна Македонија се наоѓа во еден од најбрзите процеси на демографско стареење во Европа. Наведената состојба упатува на итни системски реформи - вклучително зголемување на возраста за пензионирање, прилагодување на стапките на придонеси, ревизија на моделот за усогласување на пензиите, диверзификација на инвестициите во вториот столб, како и зголемување на капацитетите за услуги кон старите лица. ДЗР даде препораки за надминување на утврдените слабости, вклучително зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на координацијата, мониторинг и финансиска одржливост на системот за грижа за стари лица, што треба да одговорат на демографските предизвици во наредните децении, потенцираат од Државниот завод за ревизија.
МИА
Ново на Сител
-

Уапсени пет лица, од кои еден малолетник во акциска контрола на Мобилната единица на МВР
-

Раст од 16,7 проценти на цената на становите во првиот квартал годинава
-

Мицкоски: Македонија е прва земја од Европа која има ваков вид стратешки дијалог со САД
-

Зголемена фреквенцијата на Ќафасан, Албанците од соседството по гориво и храна во државава
-

АХВ спречи ризик од внесување на заразни болести во земјава
-

Мицкоски за Денот на Ромите: Ова не е ден само на зборови, туку и на одлуки, нашата визија почнува со достапно образование за секое ромско дете
-

Следува период на променливо облачно и стабилно време
-

Почнува реконструкцијата и модернизацијата на Универзалната сала
