ДЗР: Вештачката интелигенција е глобален приоритет, но сè уште нема законска рамка, национална стратегија, ниту институционална координација за нејзина примена
Ограничената достапност на отворени податоци, слабата координација со меѓународните тела и ниската институционална подготвеност претставуваат сериозни пречки за развој на вештачката интелигенција (ВИ) во државата. Пристапот до отворени, структурирани и машински читливи податоци од јавниот сектор е еден од клучните предуслови за развој на системи базирани на ВИ. Иако уште во 2018 година е воспоставен Портал за отворени податоци, тој не функционира од почетокот на 2025 година, што ја ограничува транспарентноста и иновативниот потенцијал на бизнис-секторот, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извршената ревизија на на тема „Можности за употреба на Вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Целта на ревизијата е да оцени дали јавниот сектор е подготвен за користење на вештачка интелигенција во своите активности.
Иако вештачката интелигенција е препознаена како значаен фактор за дигиталната трансформација, ревизијата утврди дека Национална стратегија и законска регулатива за утврдување на правилата за имплементација на проекти со вештачка интелигенција во јавниот сектор не е донесена. Собранието на седницата одржана на 27 јуни 2025 година го донесе Закон за безбедност на мрежни и информациски системи со кој се уредува безбедноста на мрежните и информациските системи, надлежните органи за безбедност на мрежните и информациските системи, мерките за безбедност на мрежни и информациски системи и за управување со ризикот за сајбер безбедност, како и други прашања поврзани со безбедност на мрежни и информациски системи.
- Употребата на вештачката интелигенција се споменува во повеќе стратешки документи, но најчесто како дел од пошироки цели, без придружни акциски планови и без координиран пристап. Вложувањата во ИКТ инфраструктура за напредни истражувачки ресурси, како што се суперкомпјутери, специјализирани сервери за обработка на големи податоци и машинско учење, развој на технолошки центри, се незначителни и придонесуваат за намален интерес за проекти со користење на вештачка интелигенција, се посочува во ревизијата.
И покрај тоа што не е донесена национална стратегија, ниту законска рамка за примена на ВИ во јавниот сектор, се додава во ревизијата, во периодот од 2018 до 2023 година, преку Фондот за иновации и технолошки развој се финансирани 48 проекти со елементи на ВИ во вкупна вредност од 6.110.044 евра (375.768 илјади денари).
- Ниту еден од поддржаните проекти за ВИ не е имплементиран во јавниот сектор. Недоволната промоција и отсуство на јавен регистар на проекти за ВИ ја ограничуваат нивната видливост, следливост и примена, што негативно влијае врз можностите за нивна имплементација, популаризација и понатамошни вложувања во јавниот сектор. Во 12 области (Авионска индустрија, авто/агро индустрија, ветерина, е-бизнис, енергетика, здравство, ИТ / финансии, ИТ/ образование, јавен сектор, правен сектор, производство и финансии), кофинансирани се по еден проект поврзан со ВИ, се прецизира во ревизијата.
Иако Владата во 2023 година го промовираше првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција АДА, со цел зголемена транспарентност и подобра информираност за инвестициските можности, како што се нагласува, алатката веќе не е во функција, и покрај вложените 150 илјади евра, една од причините е што не е продолжен договорот со економскиот оператор кој ја изработил и ја одржувал апликацијата.
- Иако 96,99% од населението е покриено со 5G мрежа, а над 68% од домаќинствата имаат пристап до фиксни мрежи со многу висок капацитет, Република Северна Македонија сè уште не располага со современа и сеопфатна дигитална инфраструктура што е предуслов за примена на вештачка интелигенција. Недостасуваат понови генерации на суперкомпјутери, стабилни дата центри и специјализирани системи за обработка на големи податоци, што ја ограничува подготвеноста на земјата за примена на ВИ во јавниот сектор. И покрај најавите, сè уште не е изграден технолошкиот парк во Скопје, а постојните иницијативи остануваат недовршени. Ова укажува на итна потреба од вложувања во инфраструктура што ќе овозможи сигурна, доверлива и ефикасна примена на новите технологии, во согласност со европските регулативи и стратешките цели за дигитална трансформација, констатира ДЗР.
Во ревизијата с епосочува дека вештачката интелигенција има потенцијал да го подобри функционирањето на повеќе сектори и тоа: Здравство, Јавна администрација, Енергетика, Финансиски сектор, Образование, Земјоделство, Безбедносен сектор и Индустрија. Сепак, овие потенцијали остануваат недоволно искористени поради отсуство на национална стратегија за ВИ, соодветна инфраструктура и квалификуван кадар.
- Поради нефункционалноста на порталот и отсуството на номиниран контакт со Open Data Europe, нашата држава не е вклучена во официјалните Open Data Maturity извештаи за 2023 и 2024 година. Сепак, на 15 април 2025 година, Министерството за дигитална трансформација номинира претставник и повторно започнува процесот за вклучување во европските анализи, констатираат ревизорите.
Во поглед на подготвеноста за користење на ВИ во јавниот сектор, како што посочуваат, постојат повеќе истражувања и рангирања. Глобалниот индекс за одговорно користење на вештачка интелигенција (GIRAI), за југоисточна Европа нашата земја се наоѓа на 6-тото место од рангираните 9 држави.
- Од друга страна, според Глобалниот индекс на иновации (GII) за 2024 година, Македонија бележи пад за четири позиции од 54 на 58 место. И индексот за подготвеност за ВИ на ММФ ја позиционира земјата на 77 место од 174 држави, што укажува дека иако постои потенцијал, потребни се значителни подобрувања во дигиталната инфраструктура, човечкиот капитал, иновациите и економската интеграција, како и регулативата и етиката во доменот на вештачката интелигенција, се вели во ревизијата.
Се посочува дека универзитетите во државата играат значајна улога во развојот на човечки капацитети за развој на вештачката интелигенција, но недостига системска поврзаност со јавниот сектор и заедничка платформа за соработка.
- Според добиените одговори од 6 високообразовни институции, најголем капацитет имаат ФИНКИ и ФЕИТ при УКИМ, со вкупно над 1.700 дипломски, 220 магистерски и 37 докторски трудови поврзани со ВИ. Дел од универзитетите учествуваат во NLP проекти како TTS-MK и ChatMed. Сепак, недостасуваат јавен регистар, формализирани програми за преквалификација, и централизирана евиденција на кадри обучени за ВИ, со што се ограничува потенцијалот за координиран развој на оваа клучна област. Проектите за обработка на природен јазик (NLP) претставуваат значајни чекори кон локален развој на вештачка интелигенција, со фокус на зачувување и практична примена на македонскиот јазик, констатира ДЗР.
Моделот „Буки“, развиен од УКИМ во 2024 година, како што велат, овозможува автоматска транскрипција на говор во текст со интерпункција и граматика, применлив во образованието, јавната администрација и за лица со попреченост.
- Во рамките на пилот проектот за бројот 112, се користи ВИ за реално временска анализа и препораки при итни повици, но неговата целосна имплементација е ограничена поради дополнителни финансиски барања и недостиг на правна и техничка рамка. Овие иницијативи ја покажуваат потребата од посветени инвестиции, јазична адаптација и институционална поддршка за да се искористи целосниот потенцијал на ВИ во критични области од јавниот интерес. Иако законодавната рамка за заштита на личните податоци е усогласена со GDPR на ЕУ, ревизијата утврди дека примената на овие стандарди при имплементација на ВИ проекти е недоволна и ризична, се посочува во ревизијата од ДЗР.
МИА
Ново на Сител
-
Двајца малолетници и две женски лица на 19 и 41 година приведени за престрелката во Тетово
-
Приведен 43-годишнен кавадарчанец, управувал возило со 2,31 промили алкохол
-
Управувал возило со 2.05 промили алкохол во крвта, приведен 22-годишник
-
Топлотен бран ја зафати Европа: Пожари беснеат од Шпанија до Балканот
-
Приведен 47-годишен велешанец, при претрес во неговиот дом најдена е дрога и две дигитални ваги
-
Земјотрес од 6,4 степени го погоди истокот на Индонезија, нема опасност од цунами
-
Европол: Разбиена меѓународна албанска мрежа на организиран криминал, уапсени 10 лица
-
Мицкоски: Ќе има одговорност за секој што ќе се огреши пред законот без разлика од која политичка партија доаѓа