Еден убиен и четворица повредени во вооружена престрелка во Тетово
Еден починат и четворица повредени во вооружена пресметка во Тетово. Околу пладне, лица од две возила во движење пукале еден кон друг. Во престрелката направиле и сообраќајка.
По инцидентот, едниот автомобил побегнал. Според проверките на полицијата, се работи за возило со тетовски регистарски таблици кои се одјавени, а во сопственост на 19 годишник од тетовското село Гајре. Другиот автомобил е пронајден на лице место. Во него и едно безживотно тело на маж со прострелни рани од огнено оружје. Меѓу четворицата повредени има и 12-годишно девојче, но и случаен минувач. Сите се пренесени во Клиничкиот центар во Скопје.
„Еден малолетен пациент е со огнострелна повреда во пределот на десната натколеница и е вон животна опасност. Имаме 37-годишен пациент примен на торакална хирургија со огнострелна повреда во пределот на градниот кош, исто така, вон животна опасност. 32-годишен повреден со огнострелна повреда во пределот на градниот кош којшто е во животна опасност и во моментов се врши хируршка интервенција над него. Четвртиот пациент е случаен минувач кој при пад има скршеница на десната потколеница“ – Игор Мерџановски, директор на ТОАРИЛУЦ
Освен во пронајдениот автомобил, десетици куршуми завршиле и во зградата во близина. Парчиња стакло, имаше на сите страни.
Од МВР информираат дека „за настанот е формиран тим со кој раководи дежурен јавен обвинител при ОЈО-Тетово и увидна екипа од СВР Тетово“.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар