Македонија
19. November 2025 - 12:35

Еден универзитет за сите членки на Европската алијанса на универзитети

Соработката помеѓу УГД и Европската алијанса на универзитети претставува значаен чекор кон зајакнување на академската и истражувачката улога на универзитетот, но и на целиот град Штип.

Преку ова партнерство, УГД добива пристап до европски мрежи за образование и истражување, што овозможува студентите и професорите да се вклучат во заеднички проекти, меѓународни разменски програми и иновациски иницијативи.

Со тоа се стекнуваат со практично искуство, да се запознаат со најновите методологии и технологии и да ја зголемат својата конкурентност на пазарот на трудот.

-Во моментот, во фаза сме на оформување на едно заедничко правно лице, лоцирано на територијата на ЕУ, најверојатно во Брисел. Тоа се процеси кои вклучуваат и академски и правни аспекти, поддржани се интензивно од ЕК и ние се надеваме дека, не само што ќе бидеме рамноправни и ќе им озвозможиме на нашите студенти да бидат изложени на едно сосема ново ниво на знаења, квалитетно образование и европска диплома, изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД-Штип.

Со јакнењето на академскиот профил на Универзитетот, Штип се позиционира како центар на знаење во источниот регион на земјата, што може да ги задржи младите таленти во градот и да привлече нови студенти и професионалци.

-Доаѓањето на професори од европски универзитети и преносот на знаење, навистина ќе овозможи посилни институции, можност за креирање политики, преку кои ќе се создаде едно посовремено, помодерно и инклузивно општество, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Оваа соработка е стратешка инвестиција во иднината и ги отвора вратите кон европски стандарди на образование, истражување и иновации.