Екс директорот на Комунална, Рустеми се сомничи дека злоупотребил над 68.000 евра за фиктивни услуги
Поранешниот в.д директор на Комунална хигиена Сабахадин Рустеми се сомничи дека исплаќал илјадници евра на негови познаници, за интелектуални услуги, давање совети и сметководствени услуги иако лицата немале никакво познавање од овие дејствија.
Финансиската полиција денеска му поднесе кривична пријава до Обвинителството. Според пријавата, тој лани како директор со намера да ги исцрпи сите пари од склучениот договор со фирмата за интелектуални услуги ВЕДА ДООЕЛ Скопје, два дена пред да истече договорот во име на Комунална хигиела склучил договор со пет лица за износ од нешто над 58.000 евра.
Тука имало два фиктивни договори со нереална вредност, односно на еден негов познаник за давање совети требало да му бидат исплатени 12ипол илјади евра, а друг за имплементирање техники за заштита на животната средина требало да добие 25.000 евра.
Лицата со кои биле склучени овие договори биле познаници на директорот, а тој бил свесен дека тие немаат никаква експертиза во областа на животната средина. Услугите, според истрагата, немало реална можност да се извршат во рок од два дена.
Дополнително, Рустеми склучил и три договора по 11.000 евра секој за наводни сметководствени услуги. И тука, едно од лицата воопшто не било сметководител.
Но откако го открила финансиската полиција, тој се сомничи дека ги злоупотребил парите преку друг договор.
По престанокот на важноста на договорот за интелектуални услуги со правното лице ВЕДА ДООЕЛ Скопје, односно откако пријавениот бил одвратен од намерата да го доврши кривичното дело “Проневера во службата” и да ги исплати средствата, поради навремено откривање на делото од страна на Управата за финансиска полиција, пријавениот спровел нова постапка и склучил нов договор со правниот субјект ЕСИ СОЛУШН ДООЕЛ Скопје за интелектуални услуги, за да преку истиот склучил договор со трето лице и ангажирал возило (камион) за собирање на смет, потпишал платни налози и исплатил 604.461 денари спрема авторската агенција.
Со овие дејствија финансиската полиција го сомничи дека постапил спротивно од законот за јавни набавки, односно склучил фиктивни договори без да биде спроведена јавна напавка, со што ја злоупотребил службената положба, фалсификувал исправа и се обидел да ја проневери службата со намера да им овозможи корист на физичките лица во износ од нешто над 68 илјади евра.
На Рустеми во октомври му беше определен притвор, а потоа му беа определени мерки на претпазливост. Во меѓувреме започна и судењето за него и управителот за отпад во претпријатието, Аки Саити каде се обвинети дека во текот на октомври спречиле навремено собирање на сметот, додека главниот град тонеше во ѓубре.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
