Експерти: Промената на власта во Унгарија нема да влијае на односите со македонската влада
Промената на власта во Унгарија нема да влијае на односите со македонската влада. Добрите билатерални односи нема да се променат со менувањето на функционерите, смета Ивица Боцевски, поранешниот специјален претставник на Македонија за време на унгарското претседателство со ЕУ. Според него, унгарската поддршка за интеграцијата на Западен Балкан вклучително и Македонија, ќе остане иста бидејќи за тоа прашање државата има изградено консензус.
Драстични промени во односите не се за очекување особено што Македонија и Унгарија имаат потпишано стратешко партнерство без разлика на промена на власта, смета и поранешниот пратеник Илија Димовски. За него, пораките на освојувачот на власта во Унгарија Петер Маѓар не значат сигнал дека може да се влошат односите.
Познавачите сметаат дека докажаните бизнис релации и започнатите проекти не се под ризик да бидат прекинати, особено по потпишаниот договор за трет мобилен оператор во земјава со унгарскиот 4IG. Двете влади треба ги интензивираат и соработките во индустријата, кои носат можност за нови инвестиции.
Во контекст на добрите односи меѓу двете земји, шефот на македонската дипломатија Муцунски веќе остварил телефонски разговор со Анита Орбан, главен советник за надворешна политика на новата владејачка партија на Унгарија – TISZA. Честитајќи за изборните резултати, Муцунски и Орбан, изразиле подготвеност за продлабочување на односите со фокус на политичката, економската и трговската соработка. Потврдена била и поддршката за интегративниот пат на Македонија.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
