Експертите и Владата различно го толкуваат Уставот за важноста на уредбите по престанување на вонредната состојба
Владата и правните експерти се на спротивна страна за тоа дали по завршувањето на вонредната состојба дали и кои уредби со законска сила донесени во време на корона кризата ќе продолжат да важат. За професорот Давитковски, нема дилеми дека овие акти на Владата имаат важност само додека трае вонредната состојба. Првиот ден кога таа ќе биде прекината уредбите веќе немаат правна сила.
„Сите уредби со законска сила што ги носи Владата имаат важност до траењето на вонредната состојба иако тоа изречно не е наведено во Уставот, но се подразбира. И во секоја од владините уредби е наведено дека имаат важност до траењето на вонредната состојба согласно нивната намена за надминување на корона кризата. По престанокот на вонредната состојба, тие повеќе немаат важност“, вели Давитковски.
Спротивно на ова, од Владата велат дека уредбите се со правно дејство кое продолжува да важи независно вонредната состојба. Престануваат само уредбите со кои се ограничуваат човекови права.
„Со оглед на тоа дека ние немаме посебен Закон за вонредна состојба, и ова прашање е уредено само во Уставот, важноста на уредбата е пропишана во самата уредба. Кај некои уредби има пропишан рок на траење, и тие траат до тој пропишан рок, додека други немаат пропишан рок и тие важат додека не се изменат со закон. Тоа го утврдува и Венецијанската комисија, но и нашиот Уставен суд со тоа што ја одби иницијативата за Уребата за законот за работни односи во која има рокови за дејствија и по вонредната состојба“, велат од Владата.
Дилеми за важноста отвораат уредбите што се однесуваат на финансиката помош за бизнисот и граѓаните за справување со економските последици од корона вирусот. Ако овие уредби престанат да важат по 16 мај, кога истекува вонредната состојба, практично пропаѓа целиот економски пакет.
Особено станува проблематично, исплатата на пари од буџетот доколку веднаш по вонредната состојба почнат да течат и изборни дејствија во чие време е забранета исплата на фирими и граѓани со буџетски пари.
Професорот Давитковски вели дека за ваквите уредби ќе мора да одлучува Собранието.
„Оние уредби за кои постои проценка дека треба да продолжат да важат како политики, пример како оние за финансиска помош на компаниите и граѓаните, ќе треба да бидат преточени во закон. Тоа значи дека парламентот треба да си донесе соодветни закони или законски измени. Во случај на закажување на нови избори, исплатата по овој основ од буџетот ќе може да си се прави доколку почне пред изборните дејствија и рокови“, вели професорот.
Владата досега има донесено повеќе од 150 уредби со законска сила донесе Владата од воведувањето на првата вонредна состојба поради КОВИД 19. Втората вонредна состојба истекува за десетина дена, претседателот Пендаровски веќе најавува дека не би донел одлука и за трета вонредна состојба во услови кога Собранието не функционира.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
