Loading Video...
Македонија
19. July 2026 - 16:45

Епидемија на заразна болест во Гостивар

Гостивар пред прогласување на епидемија од заразна болест. По 6 дена откако почна напливот на болни со стомачни тегоби, Центарот за јавно здравје Тетово по препорака на ИЈЗ треба да донесе ваква одлука поради зголемување на стапката на заболени лица и се уште големиот број на гостиварци кои бараат лекарска помош.

-Мерките за контрола и превенција се цело време активни, она што би се дополнително добило преку пријавување на епидемија е подобра комуникација и координација на сите надлежни институции, изјави д-р Драган Кочински, раководител на епидемиологија во ИЈЗ

Изминатотот деноноќие имало-

- 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани;

- 140 прегледи на Педијатриското одделение, од кои 105 нови и 35 контролни;

- девет прегледи во Ургентниот центар., соопштија од Министерството за здравство.

Од гостиварската болница велат дека од 13 ти досега на преглед биле 1500 граѓани, иако според пишувањата на социјалните мрежи бројот на граѓани кои имаат симптоми е многу поголем. 

Епидемиолошки тимови досега направиле само 60 анкети додека пак доставени се 140 формални пријави на заразна болест. Побараа од граѓаните да соработуваат и да одговараат на повиците на надлежните.

-Досегашните епидемиолошки анкети покажуваат дека нема некоја меѓусебна поврзаност ако да речеме да имало труење со храна во некој ресторант, досега таква индиција нема. Она што е заедничко за сите е дека сите користеле храна и во домашни услови и во ресторани, сите користеле вода за пиење некои и флаширана и не ни даваат некои индиции во кои може да направиме повзување на случаите, вели д-р Драган Кочински.

Утре треба да бидат готови анализите од земените примероци на вода, по што ќе се знае што е причината за здравствената криза во Гостивар и зошто голем број граѓани завршија со хоспитализации, инфузии и стомачни тегоби. Од гостиварската болница утре ќе разговараат со надлежните и дали ќе има потреба од дополнителна помош на здравствени установи ако продолжи напливот на пациенти.

Водата од чешмите е забранета за пиење а локацијата на Вруток и натаму е обезбедена велат од обвинителството.

Основното јавно обвинителство Гостивар е во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде по наредба на јавен обвинител се вршат анализите и испитувањата на квалитетот на примероците од водата во гостиварскиот водовод. Според најавите, резултатите треба да бидат готови утре и да бидат доставени до надлежното обвинителство, по што ќе се донесе одлука за натамошниот тек на постапката, а јавноста ќе биде известена. Во меѓувреме, по наредба на јавен обвинител, локацијата во Вруток и натаму е обезбедена.