„Еурактив“: Српската бавна револуција

Српските граѓани, главно студенти, протестираат по улиците веќе четири месеци и време е да бидат слушнати, се оценува во осврт на бриселскиот портал „Еурокатив“ на состојбите со протестите во Србија во пресрет на денешниот митинг во Белград.
Авторот на текстот посочува дека како некој кој минал две децении патувајќи низ Балканот, никогаш не замислувал дека српското граѓанско општество се уште ќе има сила да пружи ваков отпор кон „авторитарното и долгогодишно владеење“ на српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Никогаш не би помислил дека српските студенти можат да го соберат целиот народ зад себе, посочува авторот Лоран Жеслан.
Во текстот се потсетува дека иницијална каписла за протестите беше уривањето на натстрешницата на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година при што загинаа 15 луѓе, по што се намножија протестните собири со барања за целосна транспарентност во врска со трагедијата и осуда на корупцијата.
Со оглед на тоа што Србите не се непознати по протести, се додава во анализата, зовриениот гнев можеше да се искали во повеќе прилики и да се прошири како шумски пожар, без разлика дали станува збор за демонстрациите против владината контрола врз медиумите, поради отворањето на рудниците за литиум во западна Србија или против мегаломанскиот проект „Белград на вода“, кој „збриша дел од градот на брегот на Сава“.
– Сепак, трагедијата на железничката станица ги натера жителите од најоддалечените краишта на Србија да даваат храна и пијалаци како поддршка на студентите-демонстранти додека се движат од град во град, се наведува во текстот.
Во анализата се потсетува дека вечерта на 10 март неколкумина демонстранти ја блокираа зградата на државниот радиодифузен сервис РТС во Белград, барајќи „ослободување на јавните вести“, при што се судрија со припадници на српската жандармерија.
– Ова на Вучиќ му пружи совршена можност да го осуди она што тој го нарече „невидено болшевичко насилство од пленумите“, алудирајќи на движењето од 2014 година во Босна и Херцеговина, кое се спротивстави на етничките поделби во земјата и на длабоко вкоренетата корупција на нејзината политичка елита, се наведува во текстот.
Авторот потсетува дека во 2014 година босанските демонстранти се организираа во „граѓански пленуми“ отфрлајќи каква било политичка определба, исто како што српските студенти денес инсистираат дека немаат лидер и остануваат независни од опозициските партии.
– По една година мобилност, босанското движење конечно го загуби еланот и од 2015 година започна драматичниот бран на емиграција што ги зафати Босна и Херцеговина и Балканот во следните години. Од целиот регион, во Германија повеќе не заминуваа само невработените, туку и вработени брачни двојки, кои едноставно не можеа да замислат да ги одгледуваат своите деца во својата татковина, се додава во анализата.
Жеслан потенцира дека не верувал оти српските студенти ќе се кренат против Вучиќ, затоа што мислел дека тие се фокусирани само на продолжување на својот живот во странство – „ситуација која сосема му одговараше на режимот“.
– Згрешив. Меѓутоа, знам дека дел од судбината на Србија ќе се решава на улиците на Белград овој викенд, каде се очекува да демонстрираат стотици илјади луѓе. Ако нивниот глас не биде слушнат, српската младина може повторно да се најде на патот кон егзил, заклучува авторот на анализата на „Еурактив“ посветена на протестите во Србија.
Ново на Сител
-

Во Грција ќе пристигнат 245 пожарникари од четири земји за да помогнат во справувањето со пожарите
-

Мицкоски: Нашата визија е јасна - да изградиме држава во која успехот нема да зависи од привилегии, туку од знаење
-

СП 2026: Хрватскиот селектор смета дека одиграле натпревар со многу емоции
-

Мицкоски: Одржливоста веќе не е избор, туку предуслов за конкурентност
-

Руско МНР: Москва е подготвена да ги продолжи преговорите со Киев
-

„Њујорк Тајмс“: САД ги предупредиле иранските преговарачи Арагчи и Калибаф дека се можни израелски цели
-

СП 2026: Шпанија без проблеми до осминафиналето
-

Ивановски и Марковски денеска пред нови предизвици на Macedonian open 2026
