Европол разби голема хакерска мрежа
Голема меѓународна операција против кибер криминал, наречена Операција ENDGAME, сериозно ги погоди глобалните мрежи за откупни софтвери (ransomware), соопштија Европол и Евроџаст.
Во периодот од 19 до 22 мај, властите од повеќе земји укинаа околу 300 сервери ширум светот, неутрализираа 650 домени, издадоа 20 меѓународни налози за апсење и запленија 3,5 милиони евра во криптовалути.
Оваа операција е продолжение на најголемата меѓународна акција против ботнети од мај 2024 година. Овојпат фокусот беше на малициозен софтвер за почетен пристап (initial access malware) – алатки кои хакерите ги користат за незабележано да влезат во системот и да подготват терен за напади со откупни софтвери.
Нападите со откупни софтвери се форма на кибернетички криминал во која напаѓачите ги заклучуваат податоците на жртвата и бараат откуп во замена за повторно отклучување. Вообичаени цели се болници, училишта, компании и локални власти.
Малициозниот софтвер (malware) е општ назив за злонамерен софтвер кој се користи за инфилтрација, кражба на податоци или саботажа на компјутерски системи.
– Го погодивме самиот извор на нападите, истакна Европол.
За време на акцијата биле неутрализирани малициозните софтвери Bumblebee, Lactrodectus, Qakbot, DanaBot, Trickbot и Warmcookie.
Овие видови злонамерен софтвер често се продаваат како услуга на други криминалци, кои ги користат за инфилтрација во мрежите на жртвите пред да почнат големи напади со откупни софтвери.
Германските власти соопштија дека од денеска 18 клучни осомничени ќе бидат додадени на листата на најбарани лица на ЕУ. Се сомнева дека токму тие се одговорни за развојот и дистрибуцијата на малициозен софтвер со кој криминалните групи добивале пристап до мрежите на жртвите.
Следниот голем извештај на Европол за кибер криминал – IOCTA 2025, кој излегува на 11 јуни, ќе има посебен фокус на посредниците за почетен пристап (initial access brokers), најавуваат од Европол. Станува збор за лица или групи кои продаваат пристап до компромитирани мрежи, а кои често се прв чекор во синџирот на дигитален напад.
– Оваа фаза ја покажува способноста на полицијата да се приспособи и да возврати дури и додека криминалците се реорганизираат, изјави Кетрин Де Бол, извршна директорка на Европол.
– Со разбивање на клучните услуги што ги користат групите за откупни софтвери, го прекинуваме синџирот на напади уште на самиот извор, додаде таа.
За време на неделата на операцијата, во седиштето на Европол во Хаг беше формиран команден центар, каде истражители од Канада, Данска, Франција, Германија, Холандија, Велика Британија и САД работеа заедно со експерти од Европол и Евроџаст.
Операцијата ENDGAME продолжува, нагласи Европол.
Ново на Сител
-
Претрес во валандовско, пронајдени бела прашкаста материја и шприц
-
Провалиле кај кавадарчанец и украле 10 литра ракија и пари
-
Јавниот автобуски превоз во Скопје утре по неделен возен ред
-
Мбапе за Модриќ: Видов одблизу што значи величина
-
Осимен ги продолжува преговорите со Ал-Хилал
-
Лазаров: Имаме одлична предност пред реваншот со АЕК, но секогаш сум претпазлив
-
Николоски: Врвни британски фирми и експерти ќе дадат поддршка за реализација на проектите во Македонија
-
Реал Мадрид официјално објави дека Анчелоти заминува на крајот од сезоната