Европол: Уапсен клучен актер кој стои зад рускојазична платформа за сајбер-криминал во Украина
Француските власти, во соработка со украинските колеги и Европол, го уапсија осомничениот администратор на платформата xss.is, една од највлијателните рускојазични платформи за сајбер-криминал, во операција спроведена вчера во Киев, се наведува во денешното соопштение на Европол.
Осомничениот, кој речиси две децении бил активен во сајбер-криминалот, заработил над седум милиони евра преку олеснување на нелегални активности. Платформата xss.is, со над 50.000 регистрирани корисници, служела како главен пазар за украдени податоци, хакерски алатки и нелегални услуги, овозможувајќи координација, рекламирање и регрутирање за некои од најопасните сајбер-криминални мрежи. Осомничениот не само што ја управувал платформата, туку и посредувал во спорови меѓу криминалци и гарантирал сигурност на трансакциите. Исто така, се верува дека тој го водел и приватниот сервис за пораки thesecure.biz, прилагоден за потребите на сајбер-криминалното подземје.
Истрагата, започната од Франција во 2021 година, премина во оперативна фаза во септември 2024 година, кога француски истражители беа распоредени во Украина, поддржани од виртуелен команден центар на Европол.
Оваа недела, во координирана акција во Киев, главниот осомничен беше уапсен, а собраните податоци ќе бидат анализирани за поддршка на тековните истраги низ Европа и пошироко.
Европол одигра клучна улога со аналитичка и оперативна поддршка, олеснувајќи го споделувањето на информации меѓу француската полиција и украинските власти, како и мапирањето на криминалната инфраструктура.
За време на акцијата во Киев, мобилна канцеларија на Европол беше распоредена за поддршка на терен.
Според Извештајот за закана од организиран сајбер-криминал (IOCTA) за 2025 година на Европол, платформи како xss.is го поттикнуваат црниот пазар за украдени податоци, овозможувајќи трговија со компромитирани информации, хакерски алатки и услуги што поддржуваат активности како изнуда, измами и кражба на идентитет.
Операцијата е дел од напорите на Европската мултидисциплинарна платформа против криминални закани (EMPACT), која се бори против сериозниот меѓународен криминал што ја загрозува ЕУ, се посочува во соопштението на Европол.
Истрагата ја водеа Парискиот обвинител (JUNALCO) и Француската полиција (Бригада за борба против сајбер-криминал), заедно со Генералното обвинителство и Службата за безбедност на Украина.
Ново на Сител
-
Предупредување до сопствениците на „Андроид“ за апликациите што преземаат чувствителни податоци
-
Фон дер Лајен: Со САД постигнавме договор што обезбедува стабилност и предвидливост за двете страни на Атлантикот
-
САД посредува во мировните преговори меѓу Тајланд и Камбоџа во Малезија
-
Без струја корисници од делови во Аеродром, Карпош, Петровец и Илинден
-
Во изминатото деноноќие 51 пожар на отворен постор, осум се активни, седум под контрола и 36 изгаснати
-
Во Собранието амандмански расправи за законите за установи за средно образование на верските заедници и за домување
-
Сончево време со мала до умерена локална облачност и максимална температура до 37 степени
-
Австриска министерка за надворешни работи: Путин губи време, Русија ќе биде преплавена со ковчези