Европратеници бараат итна реакција на ЕК поради влошувањето на ситуацијата во Србија и колапсот на владеењето на правото

Пратеници во Европскиот парламент од групата Зелени и Да ја обновиме Европа денеска побараа итна и јасна реакција од Европската комисија поради влошувањето на ситуацијата во Србија, колапсот на владеењето на правото, демократските стандарди и основните права, со оценка дека одговорот од Брисел треба да вклучува и прекин на финансирањето.
Во писмо упатено до претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен и Колегиумот на комесари, тие предупредуваат дека неодамнешните настани во Србија означуваат значителна ескалација на ерозијата на демократските норми.
Посебна загриженост се изразува во врска со полициските акции на Универзитетот во Белград, вклучувајќи претреси, запленување на интерни документи и јавно таргетирање на ректорот Владан Ѓокиќ.
„Тие акции, кои беа емитувани во живо од провладините медиуми, претставуваат јасен обид за заплашување на академските институции и замолчување на критички гласови…Земја-кандидат за членство мора да ги почитува стандардите на универзитетска автономија, фер постапка и владеење на правото, а она што се случува во Србија е „длабоко некомпатибилно со европските стандарди“.
Во писмото до Европската комисија остро се осудуваат неодамнешните изјави на министерот за информации и телекомуникации на Србија, Борис Братина, кој предложи полицијата да употреби смртоносна сила против студентите, барајќи итна оставка од министерот.
Во изјавата, европратениците го поддржуваат ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ, и студентското движење, чии барања за одговорност, транспарентност и почитување на демократските принципи ги сметаат за легитимни.
„Единствениот кредибилен пат напред е организирање слободни и фер избори, но тие не се можни да се одржат под сегашните услови“, наведуваат европратениците и ја повикаа Комисијата да заземе јасен став, вклучително и прекин на финансирањето на Србија додека не се спроведат конкретни реформи, особено кога станува збор за избирачкиот список и правилното функционирање на Регулаторното тело за електронски медиуми.
МИА
Ново на Сител
-

Оружје пронајдено при претрес на 77-годишен кумановец
-

ПФЛ: Шкендија Арачиново – Силекс за старт на второто коло
-

Активен пожар во село Грешница во Македонски Брод
-

Трамп изјави дека според него војната со Иран ќе заврши „многу наскоро“
-

Најмалку двајца загинати и 13 повредени во експлозија крај Дамаск
-

Американски суд ѝ наложи на „Мета“ да плати 567 милиони долари за штети нанесени на младите
-

Сончево и многу топло, попладне услови за локален пороен дожд и ретки грмежи
-

Зголемен интензитетот на сообраќај, нема подолги задржувања на премините за влез и излез од државата
