Евростат: Речиси секој десетти студент во Македонија е од странство
Речиси секој десетти студент во Македонија е од странство, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2024 година. Од вкупно 58.334 студенти во земјава, 5.807 се странски државјани. Тоа ја позиционира Македонија над европскиот просек, каде што странските студенти сочинуваат 8,7 проценти од популацијата.
Дома најмногу студенти од странство во 2024/2025-та година се запишале на факултети каде се учи Здравство и социјална заштита – 2.280, покажуваат податоците на Макстат. Потоа најатрактивни биле гранките бизнис, администрација и право. Доста привлечен за студентите од странство е и ИКТ секторот каде се насочиле 557 лица, како и инженерство, производството и градежништво – области кои избрале да ги изучуваат 528 студенти.
Но зошто некој би избрал да се образува во Македонија, каде ниту еден универзитет не е на Шангајска листа, и во време кога голем дел од младите избираат да се образуваат во странство?
„Популарноста на програмите од ИКТ секторот којшто ги нудиме на ФИНКИ се еден од факторите, а другиот е дека ние сме меѓу првите факултети акредитирани студиски програми на англиски јазик“, вели за Сител деканот на ФИНКИ. Влијание имаат и цените на студирање, вели деканот, кои се под европскиот просек.
„Кога доаѓаат студенти од странство, го пренесуваат нивното искуство, а и ние како држава имаме можност да влијаеме на културата на тие студенти во ова општество. Ние имаме алумни од тие интернационални студенти кои биле во нашата држава советници на министри што особено ми е драго. Така да тоа е позитивен тренд – интернационализацијата е богатство“, додаде Ламјов.
Луксембург е земјата во Европската Унија каде што странските студенти се речиси исто толку бројни колку и домашните – 51 %. Кога станува збор за земјите што привлекуваат најмногу странски студенти, предничат Германија со 438.260 студенти, Франција со 284.865 и Холандија со 176.470. Во овие три држави се образуваат повеќе од половина од сите странски студенти во Европската Унија.
Најмалку привлечни според присуството на странски студенти се Грција со 2,6 проценти, Хрватска со 3,5 и Шпанија со 4,6 проценти.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
