ФАО: Цените на храната во јули највисоки во последните три години

Светските цени на храната се зголемија во јули на највисоко ниво во последните повеќе од три години поради неповолните временски услови и ескалацијата на конфликтите во Црното Море и Персискиот Залив, соопшти денеска Агенцијата за храна на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цените на храната (FFPI), што ги следи месечните промени во цените на прехранбените производи што се тргуваат низ целиот свет, изнесуваше 131,1 во јули, што е зголемување од јунските 130,3 поени и највисокото ниво од јануари 2023 година.
Главниот економист на ФАО неделава изјави дека светот се соочува со ново зголемување на цените на храната, бидејќи војните во Иран и Украина, заедно со временскиот феномен Ел Нињо, создадоа услови за повисоки трошоци и пониски приноси од жетвите.
Во јуни е забележано месечно зголемување на цените на житарките од 3,4 проценти, односно зголемување на цените на пченицата од 5,8 проценти, соопшти агенцијата.
На пазарите на жито, постои загриженост за нарушувањето на извозот во Црното Море и штетата предизвикана од високите температури во клучните региони за земјоделско производство, додаде ФАО.
Индексот на цените на растителното масло се зголеми за два проценти на највисоко ниво од јуни 2022 година.
Повисоките цени на суровата нафта поради ескалацијата на војната во Иран и поголемата побарувачка за биодизел придонесоа за зголемување на цените на палминото и соиното масло. Цените на маслото од репка и сончогледовото масло се намалија.
Цените на шеќерот се зголемија за 5,6 проценти поради неповолните временски услови во Европа и Азија и очекуваното зголемување на побарувачката за етанол во Бразил.
Цените на месото, од друга страна, паднаа за 2,8 проценти од рекордно високото ниво во јуни, а цените на млечните производи исто така паднаа за 0,7 проценти, објави агенцијата.
МИА
Ново на Сител
-

Ѓаволот призна вина - осуден на условна казна од две години
-

Заклучен Избирачкиот список за изборите за градоначалник во Брвеница
-

На 29 октомври граѓаните ќе добијат електронска лична карта и возачка дозвола преку апликацијата „м.Услуги“
-

Тошковски: Законот важи за сите исто, МВР не постапува по етнички предзнак
-

35-годишен маж затекнат сред обид за кражба во стан - приведен откако го нападнал совственикот
-

„Хероите живеат вечно“ мурал во чест на Сашо Самојловски и Жарко Кузмановски - бранители од Диво Насеље
-

44-годишен маж нападнал тројца соседи поради нерасчистени имотно-правни односи
-

Скопјанец измамен за сума од 338.250 денари
