Фатон Љури осуден на 11 години затвор за прегазување на пешак на кејот на Вардар

Основниот кривичен суд Скопје денеска му изрече казна затвор во траење од 11 години на 25-годишниот Фатон Љури, обвинет дека на 1 јули годинава, управувајќи мотор „Кавасаки“ по пешачка патека на кејот на Вардар, го прегазил 68-годишниот Југослав Николовски и го напуштил местото на несреќата.
Покрај затворската казна, на обвинетиот му е изречена и забрана за управување со моторно возило од А категорија во траење од пет години, која ќе започне да се применува по правосилноста на пресудата.
Судот го прогласи Љури за виновен за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 297 став 1 во врска со член 300 став 2 од Кривичниот законик.
Според пресудата, обвинетиот управувал мотоцикл без регистарски таблички и без возачка дозвола по пешачка патека на улицата „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, површина наменета исклучиво за пешаци, со брзина од 35 километри на час. Притоа, со страничниот дел од мотоциклот удрил во пешакот Југослав Николовски, кој како последица од тешките повреди на черепот и мозокот подоцна починал во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Во образложението на пресудата, судијката Снежана Марковска нагласи дека делото е сторено со евентуална умисла, бидејќи обвинетиот бил свесен дека со движењето по пешачка патека ги крши сообраќајните прописи и може да предизвика штетни последици.
– Како олеснителни и отежнителни околности, согласно член 30 став 2 и 3 од Кривичниот законик, се ценат степенот на кривичната одговорност, јачината на повредата или загрозувањето на заштитеното добро, околностите под кои е сторено делото, однесувањето на сторителот пред и по извршувањето на делото, неговиот поранешен живот, личните прилики и други околности што се однесуваат на неговата личност. Отежнителни околности се и оние што на делото му даваат потежок облик, наведе судијката Марковска.
При одмерување на висината на казната, Судот дополнително го оценил интензитетот на дејствието и прекршувањето на законските забрани, посочувајќи дека умислата ја засилува противправноста. Земени биле предвид и исказите на семејството на починатиот за трајната загуба и нарушениот семеен живот.
Во изречената казна затвор на обвинетиот му се пресметува и времето поминато во притвор, а истиот се задолжува да ги плати и трошоците на постапката. До правосилноста на пресудата, Судот му ја продолжи мерката притвор на Љури. Против оваа првостепена пресуда дозволена е жалба во рок од 15 дена до Апелациониот суд Скопје.
МИА
Ново на Сител
-

Доживотен затвор за братоубиство од користољубие во Кавадарци
-

Брнабиќ: Зад Србија останува неверојатно тешка година, се надевам дека 2026 година ќе биде понормална
-

Фатон Љури осуден на 11 години затвор за прегазување на пешак на кејот на Вардар
-

Горивата поскапуваат за половина денар
-

ДИК го усвои конечниот извештај за Локалните избори 2025, одлуки и за подготовка на повторените локални избори во четири општини
-

Мајка ја однела ќерката во „Пулс“, нејзиниот малолетен син се спасил бидејќи полицијата го избркала надвор
-

Алиу: До мај ќе имаме нов паркинг на Клиничкиот центар со „смарт“ инфраструктура и катна гаража
-

Заврши реконструкцијата на ГАК вредна 110 милиони денари, на Клиниката годинава родени над 4 000 бебиња
