Македонија
30. March 2026 - 16:35

Филипче на терен ќе убедува за ЕУ, обвини дека Мицкоски не’ носи во изолација

Венко Филипче и СДСМ започнуваат теренска „борба“ за промоција на вредностите на Европска Унија во земјава, но и, како што велат, за да ја разобличат власта дека свесно, поради лични интереси, ги кочи евроинтеграциите.
Филипче го обвини Христијан Мицкоски дека ја турка Македонија во изолација со неговата вчерашна изјава дека е подготвен да чека и децении за членство во ЕУ, доколку таму и понатаму опстојуваат политики што директно влијаат врз македонскиот идентитет.

„ Да се обединиме околу идејата за напредна, европска Македонија. Против изолацијата, против криминалот и корупцијата. Да живееме во нормална држава, со европски плати и животен стандард, со нула корупција – земја во која младите ќе сакаат да останат. Јас нема да дозволам, СДСМ нема да дозволи да ја снема оваа тема. Борбата допрва почнува – ќе ја вратиме нашата држава на европскиот колосек. Како што ја внесовме во НАТО, така ќе ја внесеме Македонија и во Европската Унија.“

Филипче обвини и дека Мицкоски е прокси-руски играч, а неговата партија ВМРО-ДПМНЕ ја нарече „тројански коњ“ на поделбите во македонското општество. Предвидува внатрешни превирања доколку Албанија и Црна Гора станат членки на ЕУ пред нас.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека европската идеја во Македонија е жива, но дека ваквите ставови на Филипче претставуваат национално предавство.

„Дали СДСМ е свесен дека цената на ова што го зборува е национално предавство и уништување на идентитетот, односно ставање нова јамка на вратот на македонскиот народ, како што веќе направија со францускиот предлог и договорот со Бугарија? Ако се свесни – тогаш намерно прават предавство поради бизнис-интересите на Заеви поврзани со бугарски фирми; ако не се свесни – ги повикуваме барем оние малкумина што останале и слепо го следат двоецот Заев – Филипче да се освестат. Оваа слаткоречива изјава на Филипче, полна со наводна загриженост за иднината на народот, е всушност параван за предавство. Европската идеја е жива и ние достоинствено ќе ја браниме, затоа што таа е идеја на почит, добрососедство и прифаќање на идентитетот на сите, а не потчинување и понижување на нашиот народ, како што СДСМ тоа го замислува“, велат од партијата.

Од таму додаваат дека власта се бори за достоинствено решение и дека нема да потклекне пред притисоци, предавства и, како што велат, интриги од опозицијата.