Македонија
14. January 2026 - 21:05

Филипче не попушта ни по лидерската, инсистира на техничка влада

Филипче го одби и новиот предлог на Мицкоски, договорен на лидерската средба, техничката влада да остане за наредните парламентарни избори, а потоа да се укине.

Лидерот на СДСМ и понатаму смета дека пржинската влада е неопходна, бидејќи, како што рече денеска, постојат исти околности и ист начин на владеење на ВМРО-ДПМНЕ како во 2016 година.

Според Филипче, техничката влада може да се укине само откако не само што ќе бидат донесени реформите во правосудството, туку и целосно ќе бидат спроведени. И покрај тоа што Мицкоски изјави дека на средбата не станало збор за предвремени избори, Филипче не е убеден во тоа.

Лидерот на СДСМ смета дека не погрешил што денеска не се појави на лидерскиот состанок во Клубот на пратениците, бидејќи таму, според него, не било отворено ниту едно битно прашање за граѓаните.

Политичкиот аналитичар Арсовски, пак, вели дека Филипче сепак требало да присуствува на средбата. Тој укажува дека оние кои ги бојкотираат лидерските состаноци добиваат негативни поени во рејтингот.

Арсовски, кој важи за добар познавач на прилики во СДСМ, по ваквите потези не исклучува дури ни можен раскол во пратеничката група на Филипче.

Аналитичарот укажува и дека СДСМ во последно време се радикализирала и се држи надвор од процесите во државата, што остава простор Левица и Апасиев да го пополнат местото на политичката сцена.