Филипче со писмо до Брисел против Мицкоски
Филипче испрати писмо до Европската Унија по изјавата на Мицкоски дека има чувство дека поранешни функционери на опозицијата и нивни блиски наскоро ќе се соочат со прогон за можни злоупотреби додека биле на власт.
Опозиционерот го известува официјален Брисел, но и амбасадите на државите членки во земјава дека со оваа изјава сериозно се нарушува демократскиот и уставниот поредок, и владеењето на правото во Македонија. Смета дека Мицкоски влијае на правосудството и најавува политички прогон.
„Постои реална и основана загриженост дека извршната власт спроведува координирана стратегија за навлегување во судската независност, што укажува на јасна и систематска инсталација на авторитаризам…Ваквото однесување е целосно неспоиво со вредностите на држава која претендира за членство во Европската Унија“, напишал Филипче во писмото до Европејците.
Мицкоски не е загрижен за ваквите писма и вели дека чувството за прогон на екс-функционери на СДСМ за злоупотреби му се засилува.
Во меѓувреме, СДСМ за изјавата поднесе и кривична пријава за Мицкоски. Бараат Обвинителството да го повика Мицкоски на распит и да докаже дека никој не е над законите и може да постапува независно.
„Изјавата на Мицкоски е сигнал дека судството и обвинителството се претворени во алатка за политичка одмазда и прогон на неистомислениците. Методи својствени на авторитарни режими какви што демократскиот систем не познава...“
СДСМ го пријави Мицкоски за три дела: злоупотреба на службената положба и овластување, повреда на рамноправноста на граѓаните и загрозување на сигурноста.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
