Форензичката психијатрија во фокусот на меѓународна конференција во Охрид

Повеќе од 270 форензичари, психијатри, психолози и претставници на научни и државни институции од целиот свет учествуваат на втората Меѓународна конференција за форензичка психијатрија, што се одржува во Охрид под покровителство на Македонската психијатриска асоцијација (ПАМ) и Светската психијатриска асоцијација (WPA).
Програмата опфаќа осум пленарни сесии, четири презентации и 40 постер-сесии, на кои ќе се разгледуваат актуелни научни, клинички и етички прашања од областа на форензичката психијатрија, вклучително и теми поврзани со затворската психијатрија.

- Се обидуваме да воспоставиме мрежа на контакти со колегите од странство и да учиме од нивните искуства. Иако Македонија е мала држава, експертите од форензичката психијатрија се воодушевени од тоа што се обидуваме да ѝ дадеме значење на оваа област, изјави професорот Антони Новотни.
Ова е второ издание на конференцијата, по првото одржано во 2016 година.
На настанот учествуваат експерти од Канада, САД, Мексико, Аргентина, Ирска, Англија, како и од Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Косово, Албанија, Грција и Бугарија.
Покрај психијатрите, на конференцијата учествуваат и психолози, правници и претставници на правосудниот систем, со што се овозможува мултидисциплинарна размена на знаења и искуства.
Новотни истакна дека во Македонија постои субспецијализација по форензичка психијатрија и дека судовите располагаат со сертифицирани вештаци од оваа област.
Сепак, нагласи дека е важно да продолжи едукацијата на младите кадри и да се поттикнува нивниот интерес за форензичката психијатрија.
За порастот на насилното однесување, особено кај младите, говореше и професорката Славица Арсова Хаџи Ангелковска, која оцени дека станува збор за негативен општествен феномен што се забележува и во Македонија и на глобално ниво.
Таа нагласи дека насилството не треба автоматски да се поврзува со психичките растројства, посочувајќи дека е погрешна предрасудата оти луѓето со психички нарушувања се главните причинители на насилно однесување.

- Насилството е мултифакторски феномен и може да има различни причини. Кај возрасните, понекогаш е поврзано со несоодветна структура на личноста, а често и со злоупотреба на алкохол и психоактивни супстанции. Последиците се сериозни и за индивидуалното и за колективното здравје, посочи Арсова Хаџи Ангелковска.
Според неа, особено загрижувачко е насилството врз ранливите категории граѓани, меѓу кои жените, децата, постарите лица и лицата со телесни или ментални нарушувања.
Таа укажа дека насилството не се сведува само на физичка пресметка, туку ги опфаќа и навредувањето, омаловажувањето, заканувањето, постојаното критикување и игнорирањето.
Ваквите модели на однесување, рече, децата често ги усвојуваат во семејството, а подоцна ги пренесуваат и во врсничките односи.
- Насилството може да произлезе и од потребата некој да го омаловажи другиот за самиот да се почувствува поважен. Зад таквото однесување често стојат несигурност, недоверба, страв, срам и ниска самодоверба, истакна професорката.
Како клучна мерка за справување со насилството таа ја посочи превенцијата, која, според неа, треба да започне уште во предучилишниот период, со едукација на децата, но и на родителите и воспитно-образовниот кадар.
- Треба многу да се зборува за оваа тема, и тоа уште во предучилишна возраст. Важно е родителите и воспитувачите да знаат да препознаат кога однесувањето на детето ги надминува рамките на вообичаеното развојно спротивставување и кога агресијата станува причина за загриженост, рече таа.
Арсова Хаџи Ангелковска нагласи дека децата што покажуваат агресивно однесување не треба да се изолираат од семејството и врсничката средина, бидејќи тоа може дополнително да ги стигматизира, туку треба да се работи на нивно вклучување и насочување на однесувањето во прифатливи рамки.
И Новотни оцени дека справувањето со насилството бара поширок пристап – од семејното воспитување до општествените и системските промени.
Тој посочи дека општествените услови и секојдневните стресови влијаат врз однесувањето, поради што се важни и развивањето здрави начини за справување со агресијата и соодветното институционално постапување.
- Превенцијата е една од најважните мерки, како и соодветното санкционирање од страна на системот, истакна Новотни.
Последниот ден од конференцијата е посветен на македонската форензичка психијатрија и судската медицина.
Предвидени се дискусии за лекарските грешки, профилирањето на сериските убијци, нематеријалната штета и психијатриските вештачења во судските постапки.
МИА
Ново на Сител
-

Клековски: Треба да ги има сите лекови за онколошките пациенти, повеќекратно е зголемен буџетот на Онкологија
-

„Аушвиц, Аушвиц“ и „Стани, Адолфе“: Скандалозни скандирања на навивачите на Хајдук
-

Мартинез му се извини на раководството на Манчестер јунајтед
-

Сиљановска-Давкова: Командата за операции е еден од столбовите на армискиот одбранбен систем
-

Кејн останува во Баерн до 2029
-

Алкараз прв пат по петгодишна пауза ќе игра во Виена
-

Камп Ноу и Бернабеу во шпанската кандидатура за СП во рагби во 2025
-

Малолетник претепан од група врсници во училишен двор, нападот снимен и објавен на социјалните мрежи
