Франција со традиционална воена парада го одбележува Денот на Бастилја

Франција денеска со традиционална воена парада ќе го одбележи националниот празник – Денот на падот на Бастилја.
На парадата на авенијата „Шанзелизе“ предвидено е да учествуваат околу 6.700 војници, 98 авиони, 31 хеликоптер и 315 единици копнена воена техника. Дел од дефилето ќе бидат и припадници на земјите од Коалицијата на подготвените што ја поддржува Украина, како и 25 украински војници.
Годинешната парада има за цел да ја демонстрира подготвеноста на Франција за зајакнување на своите одбранбени капацитети и да го симболизира стратешкото будење на Европа.
Почесни гости се украинскиот претседател Володимир Зеленски и 24 шефови на држави и влади од европските земји-членки на Коалицијата на подготвените, меѓу кои германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанскиот претседател Серџо Матарела, данската премиерка Мете Фредериксен и британскиот премиер Кир Стармер.
Парадата традиционално започнува со настап на акробатската ескадрила „Патрола на Франција“, по што следуваат два авиона „Мираж 2000“ со француски пилоти и нивни украински колеги, обучени за управување со тој тип борбени авиони. Во воздушниот дел ќе учествуваат и авиони од десет европски држави.
Во рамки на свеченоста ќе им биде оддадена почит на француските сили распоредени на источниот фронт на НАТО, особено во Романија и Естонија, како и на француската морнарица која оваа година одбележува 400 години постоење.
Во пресрет на парадата, францускиот претседател Емануел Макрон во обраќање пред припадниците на вооружените сили истакна дека буџетот за одбрана на Франција е двојно зголемен во последната деценија. Дополнително, ажурираниот Закон за воено планирање, усвоен на 1 јули, предвидува 436 милијарди евра за одбраната во периодот 2024–2030 година, што е за 36 милијарди евра повеќе од првично планираното.
Макрон вчера беше домаќин и на состанок на лидерите од Коалицијата на подготвените, кои најавија нова воена поддршка за Украина, особено во областа на противвоздушната одбрана.
По завршувањето на парадата, Макрон ќе отпатува во Ница, каде ќе се одбележи десетгодишнината од терористичкиот напад извршен на 14 јули 2016 година, кога напаѓач со камион влезе меѓу граѓани кои го прославуваа националниот празник. Во нападот загинаа 86 лица, повеќе од 450 беа повредени, а напаѓачот беше убиен.
МИА
Ново на Сител
-

Европа регистрираше 10 илјади дополнителни смртни случаи за време на топлотниот бран
-

Уапсен 27-годишник од Тетово, возел 179км/ч на место каде дозволено е 80
-

Зголемен бројот на странски туристи, најмогу се од Турција, Германија, Србија и Бугарија
-

Мицкоски: Со реконструкцијата на Владата нова енергија, ново темпо и уште поголема одговорност
-

Приведен гостиварец, пијан агресивно се однесувал на „Галичка свадба“
-

Во сообраќајка меѓу патничко овозило и мопед тешко повредени двајца малолетници
-

Реконструкција на Владата во Собранието: разрешени министрите Филков, Стоиљковиќ, Алиу, Перински, Љутков, Лимани и Салиу
-

МВР распиша меѓународна потерница по лицето кое избега од Полициската станица во Кочани
