Македонија
29. March 2026 - 16:39

Францускиот амбасадор вели дека гаранции се невозможни, Mицкоски подготвен да чека децении за уставните измени

Гаранции за влез во Европската Унија се невозможни бидејќи процесот на одлучување во Унијата е едногласен, односно сите 27 земји-членки треба да седнат на маса и да бидат согласни.

Амбасадорот на Франција во земјава, Кристоф ле Риголер во интервју за Радио Слободна Европа вели дека за Париз поважен е концептот на предвидливост за да знаеме кон каде се движиме. Ле Риголер вели и дека во моментов има расположение за проширување на Унијата.

-Ние имаме тенденција да сметаме дека преговарачката рамка од 2022-та ја дава таа предвидливост создавајќи или дефинирајќи кои би биле етапите коишто треба да се спроведат. А меѓу тие етапи првата е усвојувањето на уставните амандмани и нашиот став околу тоа е да кажуваме дека доколку утре уставните измени бидат усвоени што априори изгледа возможно затоа што кога го гледаме составот на собранието владата има широко мнозинство и не сметаме дека опозициските партии би се спротивставиле на таа важна етапа на патот на државата кон ЕУ.Сметаме дека лесно би се спровеле уставните амандмани и нашиот влог е следниот. Усвојувајќи ги уставните измени, Северна Македонија ќе воспостави динамика. Динамика на својот сопствен пат, вели ле Риголер.

Говорејќи за реформската агенда, амбасадорот вели дека Франција ѝ помага на Македонија во Министерствата за европски прашања, за животна средина и за правда, вклучени се и во реформите во јавната администрација.

Ле Риголер вели, македонските власти се обврзале да го спроведат процесот на реформската агенда. Вели и дека тоа е амбициозен проект за кој е нормално и да има доцнење.

-Колку сте поамбициозни, толку повеќе се наоѓате во состојба каде што е тешко да се држите до роковите и она што ние денес го забележуваме е важно затоа што е тоа и всушност најважното реформската агенда и политичката волја околу неа. Денес забележуваме дека кај премиерот, кај клучните министри постои вистинска политичка волја да се напредува на одредени теми, но согласни сме и дека треба да се усвојат реформите, да се спроведат, затоа што реформите не треба да бидат само реформи на хартија, туку треба да имаат директно влијание врз функционирањето на судството, рече францускиот амбасадор.

Премиерот вели, нема намера да влага во авантура на политики коишто директно влијаат врз идентитетот, а не носат предвидливост и јасен крај на тој процес. Рече дека Софија со децении чекала во Македонија да дојдат политичари како поранешниот премиер Заев, но и дека тој е спремен да чека децении за носење на уставните измени.

-Ние можеме да влеземе во авантура, ние не го игнорираме слонот. Слонот е во собата, го донесоа овие претходниве. Не велиме дека никогаш дека не е тоа така. Но, без да имаме јасен крај, без да знаеме што добива македонската заедница во Бугарија, без да имаме јасни заклучоци од страна на Европскиот Совет ние немаме намера да влегуваме во било каква авантура којашто нас ќе нѐ одведе во некое друго политичко мочуриште, рече Мицкоски.

Сепак, повторно уверува дека фокусот на Владата е реформската агенда и исполнување на домашната задача.

-Нашата цел е во реформската агенда и сето тоа коешто е во реформската агенда да го испорачаме, да бидеме први. Ние да бидеме вистинските фронтранери, што и го правиме. Да ги испорачаме сите оние Акциски планови, меѓу коишто е и оној Акциски план за малцинство. Сѐ што се бара од нас ние да го испорачаме. Од другите аспекти секако сме најдобри, споредено со сите други земји од Западен Балкан шест. И јас сум убеден дека заклучно со јунскиот извештај и во делот на реформската агенда ќе бидеме најдобри. Сега за сега сме рамо до рамо со најдобриот, после јануарскиот извештај. Во јуни ќе бидеме најдобри. Така што, еве, ако тие мислат дека треба да биде услов промената на Уставот, а сѐ друго да бидеме најдобри, тогаш жалам, но овде нема добар соговорник без да бидат исполнети другите детали, рече Мицкоски.

Вчера премиерот рече дека бил задоволен од последната посета во Брисел и дека оттаму дошол со добри вести, но дека ќе почекал тие да бидат објавени од Европската Комисија