Француските средношколци по средбата со Макрон повикаа на продолжување на протестите сè додека не се објават конкретни мерки

Француските средношколци кои денеска беа примени од претседателот Емануел Макрон, повикаа на „продолжување на мобилизацијата“ и протестите сè додека не се објават конкретни мерки.
Првите владини мерки за образованието се очекува да бидат презентирани во понеделник на средба со премиерот Себастијан Лекорну.
Претставниците изразија општо „задоволство“ од подготвеноста на шефот на државата да ги слушне нивните мислења. Според нив, Макрон ветил „фундаментална реформа“ на платформата за аплицирање во високообразовните институции. Дискусиите за реформата започнаа оваа недела. Студентите продолжуваат да бараат целосно укинување на платформата.
Во Франција, за утре се најавени нови протести, особено во Париз, но и во други поголеми градови како што се Марсеј, Лион, Ница, Бордо.
Бранот масовни протести во Франција започна кон средината на септември како локален штрајк и бунт на ученици и наставници во средно училиште во предградие на Париз, а причината беа лошите услови во образованието, хроничниот недостиг на наставници, преполните училници и запуштените училишни згради.
Протестите се проширија во средните училишта и факултети низ целата земја, а беа проследени со масовни блокади и судири со полицијата.
На демонстрациите им се придружија синдикати, родители и активисти на поранешното движење „Жолти елеци“, а на почетните барања за реформа во образованието им се придружија масовни улични протести против високите трошоци за живот, зголемувањето на цените на горивата и владините мерки за штедење.
MИА
Ново на Сител
-

Француските средношколци по средбата со Макрон повикаа на продолжување на протестите сè додека не се објават конкретни мерки
-

Николоски: Ја развиваме Брвеница со реализација на конкретни проекти
-

Трамп се закани со преземање на целата иранска нафта
-

11 ден протести во Тирана: Се бара безусловна оставка од Рама
-

Кошта: ЕУ ќе покрие две третини од дополнителните 70 милијарди евра за Украина
-

Постапка за измами на граѓани со т.н. „кубански вакцини“ - претреси на повеќе локации
-

Македонија утре на Јуниорскиот Евросонг: Од вечерва може да се гласа за Ана Стојаноска
-

Скопјанка измамена за сума од 117.000 денари од поранешен вработен во Катастар
