Македонија
15. March 2026 - 16:34

Германскиот јазик се поатрактивен кај учениците - Прилеп домаќин на Државната олимпијада за основци

Во ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп се одржа финалето на Државната олимпијада по Германски јазик за учениците од основните училишта, каде учествуваа над 200 ученици од цела Македонија од 6 до 9 одделение.

Наставниците по германски јазик потенцираат дека овој јазик станува се поатрактивен кај учениците, затоа што во иднина им нуди убави можности како во однос на студирањето, така и во однос на предноста на пазарот на труд, како во Македонија, така и во странство.

„Ако ја видиме бројката сама по себе бројката сама по себе зборува колку германскиот јазик е омилен предмет. Изучувајќи го германскиот јазик тие не само што стануваат побогати туку си ги отвораат вратите кон светот за студии во Германија, Австрија, Швајцарија, во било кој Универзитет од германско јазично подрачје, но си ги зголемуваат шансите и на пазарот на работна сила, не само во Европа, туку пред се кај нас тука во Македонија“, истакна Габриела Темелкоска, претседател на Здружение на наставници по германски јазик на Македонија и предметен наставник по германски јазик во ООУ Кочо Рацин Прилеп.

Учениците кои беа дел од натпреварот велат дека од мали нозе го сакаат овој јазик и го изучуваат. Според нив за разлика од англискиот можеби бил малку потежок за изучување, но сепак не е пречка која не може да се совлада доколку се сака.  

„Јас го сакам германскиот јазик бидејќи е многу забавен за учење, ми се допаѓаат сите падежи и многу ми се допаѓа кога го зборувам“, вели Паноника Хаџистефанова, ООУ „Кирил и Методиј“ Скопје.

„Ме привлекува неговиот звук, неговите зборови, јазикот ми е многу убав“, додаде Лилјана Соманска, учесник на Олимпијадата од Кавадарци.

„Германскиот јазик отсекогаш ми бил како хоби, јас отсекогаш сум сакала да изучувам јазици па многу имав желба да го учам германскиот јазик и поради тоа сакав да продолжам да одамна натпревари и да бидам поуспешна“, кажа Анастасија Глигороска, ООУ „Добре Јованоски“ Прилеп.

„Германскиот јазик започнав да го учам од мала, од забава со моите другарки од улицата, па така започнав поинтензивно да го учам, да одам на натпревари и да се усовршувам во тоа“, рече Илијана Талева, ООУ „Св. Климент Охридски“ Битола.

Ако во Прилеп се одржа финалето за основниците, финалето пак на Државната олимпијада за средношколците се одржа во Гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје.