Ѓорѓиевски: Очекувам од септември темата за отпадот повеќе да не биде третирана во јавноста на начинот на кој беше досега

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска порача дека интензивно работат на подобрување на состојбата со отпадот во главниот град, се набавуваат возила, контејнери, се зголемува ефикасноста во работењето на ЈП „Комунална хигиена“, при што очекува од септември состојбата значително да се подобри.
- Очекувам дека од септември темата за отпадот повеќе нема да биде третирана во јавноста на начинот на кој беше досега. Навистина е тешко. Имаше сериозни проблеми во Комунална хигиена, вклучително и неисплатени плати. Во моментот кога станав градоначалник, обврските по основ на плати изнесуваа околу 90 милиони денари, денес тие се намалени на околу 60 милиони денари. Иако денес има помалку вработени отколку порано, претпријатието работи значително поефикасно. Полека, но сигурно, ги решаваме проблемите. Верувам дека сме во завршна фаза и дека останува уште да пристигнат механизацијата и контејнерите за сето тоа да биде ставено во целосна функција, нагласи Ѓорѓиевски, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и директорката на Светска банка за Македонија и Косово, Карол Межеван, пред почетокот на Работилницата посветена на изработка на Планови за одржлива урбана мобилност, што се одржа во ЗЕЛС.
Нагласувајќи дека кога дошол во Град Скопје, пред шест месеци, затекнал состојба со само 16 оперативни возила, во моментов, вели, има 50 до 60 возила на дневна основа за одлагање смет.
- Проблемот, и тоа постојано го истакнувам, е што најголемиот дел од возилата се стари. Особено проблем имаме со роботите, кои беа набавени чинам во времето на Шилегов. Од вкупно четири, едниот е целосно нефункционален, а останатите три постојано се расипуваат. Поради тоа, често се случува бројот на оперативни возила да се намали од 50 на 20 или 30 камиони - изјави скопскиот градоначалник.
Тој им честита на директорот на ЈП „Комунална хигиена“, како и на сите вработени, за состојбите кои ги живеат таму, но и за нивниот придонес во менувањето на сликата за главниот град во споредба со она што го затекнале пред само шест месеци.
Ѓорѓиевски посочи дека набавката, со помош на Владата и СБ на околу 40 нови возила за Град Скопје, ќе помогне во подобрување на состојбите. Посочи дека станува збор за различни типови возила, а дополнително, Град Скопје обезбедува уште четири возила, за кои очекува да пристигнат и пред испораката од Светската банка, како и две претоварни станици кои значително ќе придонесат за поефикасен транспорт на отпадот.
Едната претоварна станица, која како што појасни е камион, ќе биде стационирана во Ѓорче Петров и ќе ги покрива општините Ѓорче Петров, Карпош и Сарај. Тоа значи, појасни градоначалникот, дека камионите кои сега го транспортираат отпадот директно до депонијата Дрисла, наместо да губат време и ресурси, ќе го истовараат отпадот во претоварната станица и многу побрзо ќе се враќаат на терен за да ја продолжат својата работа. Втората претоварна станица ќе биде поставена во Гази Баба и ќе биде наменета за тој дел од градот.
Во однос на испораката, тој очекува наскоро, поточно во рок од еден месец, да пристигнат четирите камиони и двете претоварни станици што ги обезбедува Град Скопје. Останатите возила, очекува да бидат испорачани во неколку фази.
- Дополнително, чекаме во секој момент да биде потпишан договорот за набавка на 2.600 нови контејнери. Станува збор за бројка што не е набавена последните десет години. Дури и ако се соберат сите набавки на контејнери во изминатата деценија, не се достигнува оваа бројка. Недостигот од контејнери беше еден од најсериозните проблеми во Комуналната хигиена. На многу микролокации во градот недостигаа контејнери, а постојните со години не беа заменети. И тој проблем веќе го решаваме - истакна Ѓорѓивски.
МИА
Ново на Сител
-

Кривична за лице од Пласница поради оштетување прозорец на еден од вагоните на возот „Ќиро“, кој е историски предмет
-

Кривична за професор од средно училиште во Кичево, физички нападнал малолетна ученичка
-

69-годишна скопјанка додека чистела шкаф со алат пронашла предмет што наликувал на експлозивна направа
-

Европските компании масовно ја напуштаат Куба поради новите американски санкции
-

Мицкоски: Процесот на проширување на ЕУ е жив, наша цел е да испорачаме реформи, но и да го сочуваме националното достоинство
-

Утре во Скопје посебен режим на сообраќај
-

Изведени видео записи со времето на пристигнување на полицајците пред дискотеката „Пулс“ и на активација на пиротехниката
-

Јапонија планира да замени 14 нуклеарни реактори во наредните децении
