Македонија
2. April 2026 - 16:36

Големите пекарници ветуваат: Засега нема поскапување на лебот

Засега ќе нема поскапување на лебот, уверуваат големите пекарници по денешниот состанок со државните институции. На маса седнале директорот на Државниот пазарен инспекторат, заменик министерот за економија и претставници на мелничко-пекарската индустрија, која држи најголем дел од пазарот.

Иако дел од пекарниците низ земјава веќе најавија дека ќе го зголемат белиот леб за 3 до 5 денари, најголемите производители велат дека тие нема да го направат тоа – барем не во следниот период.

-Во Македонија има 3.000 пекари, па секој си знае за себе. Генерално, над 99% цената е иста. Вториот заклучок е дека цената ќе се одржува, и ќе се следи ситуацијата во следниот период, до крајот на месецот, за ако се случи влошување на ситуацијата да можеме да донесеме некој заеднички заклучок, да го стопираме на некој начин тоа зголемување – кажа Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

Пазарните инспектори, пак, во вонредните контроли забележали ценовни разлики само кај јајцата и зејтинот.

Но, од СДСМ велат дека реалноста е поинаква. Според опозицијата, бранот поскапувања веќе почнал, а Владата нема преземено никакви мерки.

-Колку треба да поскапи лебот, колку треба да поскапат цените на храната за Христијан Мицкоски конечно да преземе мерки? Мицкоски секојдневно ги лаже граѓаните, вели дека владата ја следела состојбата додека цените растат а стандардот на народот паѓа. Празните фрижидери и празните џебови не можат да го чекаат Мицкоски. СДСМ навреме предупреди дека растот на цените на нафтата ќе предизвика бран поскапувања на храната – изјави Наташа Поповиќ, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Предлог антикризните мерки на СДСМ преку пакет закони во вторник влегуваат во собраниска процедура.

Викендов, пак, Владата треба да одлучи дали ќе го продолжи намаленото ДДВ на горивата од 18 на 10%. Оваа мерка заедно со попустот кој го добиваат најголем дел од бензинските станици истекува на крајот од оваа недела.