Град Скопје ја откажа прославата на Нова година на плоштад - средствата ќе ги пренамени во хуманитарни цели
Град Скопје се откажа од новогодишната прослава на плоштадот Македонија. Преку соопштение информираа дека парите ќе бидат донирани.
- Средствата коишто беа планирани за организирање на пречекот и се во износ од околу 2 милиона денари ќе ги донира во социјални цели. Одлуката каде ќе бидат донирани средствата, ќе ја донесе Советот, се вели во соопштението од Град Скопје.
Пред два дена беше објавено дека за Нова година присутните на плоштадот ќе ги забавуваат Каролина Гочева, Миле Кузмановски, Слаткар и Адријан Гаџа.
Одлуката на Град Скопје предизвика многу реакции во јавноста.
Менаџерот на Каролина, Бобан Милошевски од Авалон на својот Фејсбук објави дека ќе го тужи Град Скопје и ќе бара целосно да бидат исплатени сите трошоци. Тој пишува дека, исто од хуманитарни причини, „Авалон“ ќе поведе иницијатива градоначалникот и вработените во Град Скопје своите шест месечни плати да ги донираат на сиромашните.
- Нова година на пејачите во Македонија им значи исто како на секој што работи за плата. Пејачите за Нова година заработуваат за живот и ним тој термин им значи како на некој вработен шест плати. И до кога со патриотизам на штета на Македонецот? Да беше некој Оливер Драгојевиќ како лани, ќе беше платен 100.000 евра и досега ќе беше исплатен, но бидејќи е Миле Кузмановски наш, немаме гајле и ќе глумиме хумани, се вели во статусот.
Од ПР службата на Авалон велат дека ова е личен став на Милошевски, и не е официјален став на продукцијата. Преку соопштение информираа дека ќе тужат само доколку сите ангажирани во овој проект побараат некакво обештетување.
-Авалон Продукција воопшто не беше консултирана за оваа одлука на Град Скопје и повторуваме дека ова немаше да се случи доколку ние за оваа прилика за Градот Скопје ангажиравме некои естрадни ѕвезди од соседството. Сигурно е дека ќе имавме договори во коишто тие ќе беа заштитени и сигурно е дека уште при потпишувањето на договорите ќе беа стандардно уплатени 50 отсто од средствата како што е стандардно вообичаено во овој бизнис, се вели во соопштението испратено од Авалон.
Каролина Гочева на Фан страната на Фејсбук напиша.
- Би сакала да се оградам од некои наводи дека јас, како Каролина Гочева имам намера да го тужам Град Скопје за откажувањето на Новогодишната прослава.
Баш напротив, сметам дека е добро што парите се пренаменети за некој на кој тоа му е потребно и како и во многу други прилики сум тука да помогнам. Значи, уште еднаш, за сите шпекулации на темава, јас не учествувам и нема да учествувам во никаква тужба, напиша Каролина.
Слаткар за Сител изјави дека имал понуда да настапува во странство, но се одлучил Нова година да слави, како што вели дома.
-Јас би се откажал од хонорарот доколку цела државна администрација и сите што се залагаа за пренасочување на овие средства се откажат од своите плати за месец декември, се надевам дека ќе се најде решение, вели Слаткар за Сител.
Во Скопје секак ќе има прослава за Нова година. Општина Центар остана на одлуката да организира забава на сверот “Јадран” со настапи на познати бендови од Хрватска и Србија. Дочекот ќе ја чини општината 3 милиони денари и ќе има хумнитарен карактер.
Новогодишна прослава нема да има ни на плоштадот Магнолија во Битола.
Вчера и општина Велес ја откажа прославата за новогодишната нок, а Кичево средсвата за украсување на градот ги намени за хуманитарни цели.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
