Граѓаните преку социјалните мрежи се организираат да кажат стоп на убивањето и труењето бездомни животни
По зачестените случаи на труење и грозоморно убивање на кучиња и мачки граѓани преку социјалните мрежи се организираат да кажат Стоп на убивањето бездомни животни.
Според пишувањата наводно смртоносен отров опасен и за луѓето бил расфрлан по парковите и други јавни површини.
Оваа реакција на засега непознати лица следи по неколкуте напади од кучиња, од кои едно дете почина. Здруженијата сметаат дека е геноцид врз животните, а граѓаните се вознемирени.
И од агенцијата за ветеринарство и од Анима мунди се согласни дека не треба да се расфрла смртоносен отров бидејќи е тешко кривично дело, а полицијата апелира секој кој ќе забележи дека има мачење и убивање животни да пријави на 192.
- Слушаме за таа практика и секако сакаме да апелираме до граѓаните да не го прават тоа, бидејќи овие отрови можат да бидат нмогу опасни и за луѓето а и да завршат со фатален исход, вели Зоран Поповски, директор на Агенција за храна и ветеринарство.
-Се додека не се исконтролира изворот на бездомните животни, односно неодговорното сопствеништво, непречено размножување, напуштање на улица, ние нема да можеме да ја надминеме оваа ситуација и се вртиме во круг, а вакви несреќи ќе се случуваат и понатаму, се вели во дел од соопштението на Анима Мунди објавено на нивната интернет страница.
Во Скопје има само еден стационар Вардариште каде во моментот има 71 куче. Само во март служните заловиле 173 кучиња, а собрале 56 мрши од животни. Иако капацитетот е проширен сепак не е доволен.
Општините се оградуваат дека немаат надлежност да отвораат стационари или Центри за згрижување и третман на бездомни животни. И се додека се префрла одговорноста од едни на други и во иднина ќе имаме напади од улучни кучиња и труење на бездомни животни.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
