Грчкиот Парламент вечерва ќе го гласа буџетот - синдикатот на вработените во јавниот сектор започна 24-часовен штрајк

Синдикатот на вработените во државниот сектор во Грција (АДЕДИ) утрово започна 24-часовен штрајк поради буџетот за следната година, што вечерва се очекува да биде изгласан од грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.
Од синдикатот сметаат дека новиот буџет е „антиграѓански и носи дополнителни даночни оптоварувања за работниците и нови привилегии за големите бизнис групации“, а паралелно со денешниот штрајк изразуваат и солидарност и поддршка за земјоделците и нивните протести.
Во штрајкот, освен државните службеници учествуваат и вработените во локалната самоуправа, организирани од нивниот синдикат, како и синдикатите на наставниците и професорите од основните и средните училишта, синдикатот на здравствените работници од државните болници, но и градоначалниците преку Централната унија на општините на Грција.
Претпладнево во рамките на 24-часовниот штрајк закажан е протест пред грчкиот Парламент, а попладне протест, на истата локација ќе одржи и синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија.
Во грчкиот Парламент во петокот започна петдневната расправа за државниот буџет за 2026 година, а гласањето, кое традиционално во Грција се смета како глас за доверба на актуелната Влада, е закажано за вечерва.
Се очекува буџетот да го поддржат само пратениците од владејачката Нова демократија, кои имаат мнозинство во Парламентот.
Кусо пред гласањето, говори ќе имаат лидерите на партиите и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Буџетот, меѓу другото предвидува раст од 2,4 отсто, дополнително намалување на невработеноста на 8,6 проценти, зголемување на инвестициите, намалување на инфлацијата на 2,2 отсто и доби зелено светло од надлежната парламентарна комисија за економски прашања, но само од пратениците на владејачката Нова демократија.
Грчкиот премиер на состанокот на пратеничката група на Нова демократија во петокот се осврна и на буџетот за кој рече дека е „општествен и развоен, реален и во исто време реформски“.
– Со многу трајни мерки кои пред сè ја поддржуваат средната класа, со посебен акцент на младите, на семејствата со деца, што се грижат за нашите сограѓани во помалите места и особено во пограничните области, со силен механизам за заштита на најранливите и со постојан водич — континуираното намалување на даноците и зголемувањето на реалните примања. Нашиот план, сепак, не ја определува само економската политика за 2026 година. Паралелно ја специфицира и нашата национална стратегија до 2030 година, за земјата која, секако, е многу поинаква од онаа што ја затекнавме, посочи Мицотакис.
МИА
Ново на Сител
-

Поради намалена видливост откажани се 20 летови на скопскиот аеродром, слетале само авионите од Дортмунд и од Виена
-

Песков: Не е планиран телефонски разговор меѓу Путин и Трамп, ќе го организираме по потреба
-

Двајца македонски државјани загинаа во тешка сообраќајка на патот Белград – Ниш
-

Лавров: За секоја акција постои реакција
-

Мицотакис: Од 27 барања на земјоделците, само седум не можат да се исполнат
-

Намалена видливост поради магла на неколку патни правци низ државава
-

Расчистена тешка кражба во Гостивар - приведени три лица, пронајдени украдени пари и злато
-

Успешно завршени градежните активности за целосна демонтажа на стариот радар на Меѓународниот Аеродром Скопје
