Груевски на терен со решение за проблемите на штипјани
Решени повеќе проблеми на штипјани по посетата на лидерот на владејачката партија Никола Груевски. Покрај нов водовод, асфалтна мрежа и фекална канализација најдено е решение и за превоз на ученици од населбата Железничка во Штип. 40 деца немале како да стигнат до централното основно училиште. Според градоначалникот Захариев претходниот директор на училиштето не распишал тендер со образложение дека не им следува превоз на децата, бидејќи имаат подрачно училиште кое е оддалечено помалку од еден километар.
Покрај наоѓање решенија за комунални проблеми, Груевски ги информираше граѓаните и за новата законска поволност која овозможува сите кои сакаат да направат надоградба тоа да биде по скратена процедура без да се чекаат измените на деталниот урбанистички план, и веднаш да почнат со градење.
Штипјани се интересираа и за легализирање на дивоградбите. Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Груевски ги повика заинтересираните граѓани да ја искористат можноста да поднесат барање за легализација за само 1 евро за м2 до крајот на март.
Кај граѓаните од Штип имаше интерес и за проектот на Владата “купи куќа”. Градоначалникот Захариев посочи дека општината ќе обезбеди околу 1000 атрактивни локации.
За време на посетата на овој регион Груевски изврши увид во градежните работи на локалниот пат Врсаково-Долно Трогерци во должина од пет километри. Изградбата на патот e по предлог на земјоделците и локалните жители. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев посочи дека освен за населението што живее тој е клучен за пристапност на земјоделците до своите посеви.
За изградбата на овој пат Владата издвои 17,5 милиони денари, а девет милиони се од буџетот општина Штип.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
