Хаос во албанскиот парламент, опозициските пратеници ја блокираа седницата

Вистински хаос предизвикаа опозициските пратеници на денешната пленарна седница на албанскиот парламент, пред воопшто да почне седницата, поради што претседателот Нико Пелеши беше принуден да ја прекине, која потоа продолжи во многу тензична атмосфера.
Пратениците од опозицијата најпрво насилно се обидоа да седнат на министерските места, судирајќи се со обезбедувањето, но дел од нив сепак ги зафатија местата на претставниците на владиниот кабинет. Други пак ја блокираа собраниската говорница, фрлаа кон Пелеши со хартии, шишиња со вода и други предмети, а во салата фрлаа и димни бомби.
Опозициските пратеници се судрија и со припадниците на Националната гарда, врз кои фрлаа со шишиња со вода. Од засега непознати причини и сторители запален беше оптичкиот кабел и прекинат медиумскиот сигнал, затоа пак снимки во живо и фотографии од судирите во Парламентот беа споделени на социјалните мрежи од самите пратеници од опозицијата, каде се гледа како палат и постер на премиерот Еди Рама.
По кусиот прекин, во тензична атмосфера продолжи седницата на која пратениците од владејачкото мнозинство го изгласа дневниот ред и без дискусија неколку предлог закони. Во таква атмосфера заклетва даде и народниот правобранител Ендри Шабани, кој само со гласовите на мнозинството, беше избран на претходната седница.
Опозицијата е против неговиот избор а исто така бара од пратениците на владејачкото мнозинство да го одземе пратеничкиот имунитет на вицепремерката Белинда Балуку, што СПАК го бара од парламентот, со цел нејзино апсење, под обвинение за корупција.
По седницата координаторот на пратеничката група на Социјалистичката партија, Таулант Бала, рече дека опозицијата поради минималниот интерес кај граѓаните за присуство на протестите пред владата, насилството го пренела во законодавниот дом.
Лидерот на демократите и пратеник, Сали Бериша, изјави дека „Битка на опозицијата е за законот, Уставот, владеењето на правото. Нивното мото е кради и бегај“, ги повика граѓаните на масовност на големиот национален протест на 22 декември, потсетувајќи дека ваквите протести ќе продолжат се до „соборување на нарковладата и избор на техничка влада“.
МИА
Ново на Сител
-

Во Србија во крајот на јуни најавени големи митинзи на владејачката СНС
-

Сончево со мала до умерена локална облачност, температурата до 25 степени
-

Трамп ги испраќа Виткоф и Кушнер на преговори со Иран во Пакистан
-

Швајцарија повторно ја отвора амбасадата во Техеран
-

Украина и Русија разменија по 193 воени заробеници
-

Хегсет: Операцијата „Епски бес“ е подарок за целиот свет
-

УЈП: 27 април е последниот ден од законскиот рок за поднесување на ДДВ пријавата и за плаќање на ДДВ долгот
-

Алиу: Најголем дел од здравствените работници работат чесно, совесно и стручно
