Свет
2. March 2026 - 17:04

Хегсет: Нападот врз Иран не е за промена на режимот туку да се уништи заканата

Американскиот министер за одбрана на Пит Хегсет на денешниот брифинг изјави дека САД не ја започнале војната во Иран, иако Техеран со децении води „еднострана војна против Америка“, но оти под водство на претседателот Доналд Трамп ќе ја завршат.

Тој додаде и дека нападите врз Иран немаат цел да го сменат режимот во Иран.

– Ова не е така наречена војна за смена на режимот, но режимот се смени и поради тоа светот е подобро место, посочи Хегсет.

Тој истакна и дека војната против Иран не може да се спореди со војната во Ирак и оти САД нема повторно да бидат вовлечени во долготраен процес на изградба на држава, како што беше изминатите две децении.

– Ова е спротивно. Оваа операција е јасна, разорна и одлучна мисија: да се уништи заканата од проектили, да се уништи морнарицата и без нуклеарно оружје, наведе Хегсет.

Тој им се обрати и на американските војници, потенцирајќи дека иако се соочуваат со решителен непријател, тие се најсилната и најсмртоносната борбена сила што светот некогаш ја видел.

– Но, ние мора да го докажуваме тоа секој ден. На историјата не ѝ е гајле дали сме уморни, исплашени или дали борбата ни изгледа голема. Ние повеќе не сме бранители, сега сме воини. Обучени да го убиеме непријателот и да ја скршиме неговата волја, истакна Хегсет.

На брифингот се обрати и началникот на Здружениот генералштаб на вооружените сили на САД, Ден Кејн, кој изрази сочувство до семејствата на загинатите американски војници. Командата претходно соопшти дека во досегашните воени акции против Иран загинале четворица припадници на американската армија.

– Очекуваме дополнителни загуби и, како и секогаш, ќе работиме на минимизирање на американските загуби, наведе Кејн.

Тој посочи дека денеска продолжува распоредување на дополнителни сили.

Во досегашните операции врз Иран, според Кејн, учествувале морнарицата, воздухопловните сили, вселенски сили и крајбрежната стража во соработка со израелската армија.

МИА