Хермелини се оспособуваат за гаснење пожари на тешко пристапни места, кажа премиерот Мицкоски
Армиски и полициски возила кои со години фаќаат прашина во магацини летово ќе гасат пожари на тешко пристапен терен. Дел од опремата е веќе модернизирана. Очекувањата се дека ќе бидат подготвени 60-ина вакви возила, опремени со резервоари за вода до шест тони.
„Дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70, 80, старите хермелини, пинцгауери и слично, коишто беа во магацините на министерството за одбрана и министерството за внатрешни работи се модернизираа, обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи кои работат на висок притисок и можат да пристапуваат на непристапни терени. Тоа ни беше многу важно навечер, како што велат огнот спие, да можеме да му пристапиме и да го изгасиме за да не се распламти преку денот“ – Христијан Мицкоски, премиер
Работата била завршена со минимални финансиски средства, на волонтерска база и со општествено одговорни компании, вели премиерот.
И првиот човек на дирекцијата за заштита и спасување е на став дека со овој зафат имаме голема заштеда.
„Наместо да купуваме нови противпожарни теренски возила кои се многу скапи и за нас како Влада бараат големи финансиски напори за да бидат набавени и тоа во помала количина, сега со драстично помалку пари, успеавме да прилагодиме поголем број на армиски и полициски возила кои ќе бидат користени за справување со пожарите. Оваа сезона ќе ја пречекаме досега најподготвени“ – Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување
Во моментов имаме еден функционален ер трактор, вели Ангелов, другите два се на сервис од кои еден следните денови ќе биде вратен во Македонија.
Пензионираните пилоти кои лани ги гаснеа големите пожари, ќе бидат ангажирани и ова, но и следното лето.
„Веќе сум во разговори со неколку пилоти кои имаат професионални дозволи и ги исполнуваат условите за преобука на ер трактори, но обуката може да почне најрано на есен, по завршување на пожарите затоа што летно време не се извршува обука затоа што сите пилоти се ангажирани во справување со пожарите. На европскиот пазар постои голем недостаток на пилоти на ертрактори кои можат да полнат вода во движење. Цените, платите, се екстремно високи низ Европа“ – Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување
Инаку од вчера до крајот на август е во сила забраната за движење во шумите. Кој ќе се шета без дозвола ќе заработи казна до 2 илјади евра.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар