Холандија најбезбедна држава за патување во 2026 година

Најновото истражување на туристичката агенција „Беркшир хатавеј травел протекшн (Berkshire Hathaway Travel Protection) ги открива најбезбедните земји за патување во 2026 година. Станува збор за годишна ранг-листа која веќе десет години ги анализира државите според нивото на безбедност за туристите, при што се земаат предвид политичката стабилност, инфраструктурната развиеност, како и стапката на криминал.
Според експертите, на врвот на оваа листа се наоѓаат држави кои важат за мирни и стабилни дестинации, но секоја од нив има и специфични карактеристики на кои туристите треба да обрнат внимание.Годинава, за најбезбедна туристичка дестинација е прогласена Холандија.
Според анализата, земјата се издвојува по големата безбедност за жени, ЛГБТ заедницата и туристи од различно потекло. Сепак, во поголемите градови, особено во Амстердам, најголем предизвик за посетителите претставуваат велосипедски патеки со интензивен сообраќај.
На второ место е Австралија поради ниската стапка на криминал и стабилниот општествен систем. Сепак, туристите се предупредуваат да ги почитуваат строгите правила за влез во земјата, особено во однос на внесување храна од растително и животинско потекло. Дополнително, се нагласува и потребата од внимание поради специфичната флора и фауна, каде одредени животни можат да претставуваат ризик доколку не се почитуваат безбедносните препораки.
Меѓу државите, Австрија за првпат се најде меѓу водечките безбедни дестинации, што се припишува на стабилната политичка состојба и добро организираните институции. Сепак, експертите советуваат дека повремени протести може да претставуваат ризик, поради што се препорачува внимателност.
Следна држава е Исланд која со години важи за една од најбезбедните земји во светот, но оваа година бележи благ пад на ранг-листата поради зголемена вулканска активност, која повремено влијае врз авионскиот сообраќај и туристичките рути.
По неа доаѓа Канада која се смета за една од најстабилните држави со многу ниска стапка на криминал и развиени јавни сервиси. Сепак, во поголемите урбани средини се препорачува внимателност поради можни мали кражби и безбедноста на возилата.
На листата се најде и Нов Зеланд познат по својата природна убавина и мирна атмосфера, но туристите се советуваат да бидат внимателни при посета на планински и авантуристички локации, каде условите можат да бидат непредвидливи без соодветен водич.
На седмо место е Швајцарија која важи за една од најсредените и најбезбедните земји во светот, но експертите предупредуваат дека најголемите ризици се поврзани со природни појави како лавини и нагли временски промени во алпските региони.
Веднаш по неа е Јапонија која е меѓу земјите со најниска стапка на криминал, но туристите треба да внимаваат на строгите мерки поврзани со внесување лекови и други производи, кои можат да бараат посебни дозволи.
На последно место од листата е Ирска која се издвојува по високото ниво на безбедност и стабилна општа состојба, но експертите предупредуваат дека туристите кои не се навикнати на возење по левата страна на коловозот треба да бидат дополнително внимателни во сообраќајот.
МИА
Ново на Сител
-

Стејт департмент: Израел и Либан се согласија на 45-дневно продолжување на примирјето
-

Трамп: Убиен е заменик-лидерот на Исламска држава во американско-нигериска операција
-

Врховниот суд на САД го отфрли барањето на демократите од Вирџинија за прераспределба на изборните единици
-

Трамп: Договорот за продажба на оружје на Тајван е многу добра преговарачка алатка со Кина
-

Променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и ветер
-

СЗО: Бројот на случаи со хантавирус во светот намален на 10
-

Вардар е нов шампион на Македонија - 12-та титула за нашиот најтрофеен клуб
-

Кремљ соопшти дека се завршени подготовките за претстојната посета на Путин на Кина
