Хрватска набавува јужнокорејски ракети со дострел до 500 километри, потврди Пленковиќ

Хрватска, во рамките на модернизацијата на својата армија, набавува јужнокорејски ракетен артилериски систем К239 „Чунму“ (Chunmoo) и балистички ракети ЦТМ-Икс (CTM-X) со дострел до 500 километри, потврди премиерот Андреј Пленковиќ по средбата во Загреб со претседателот на Националното собрание на Република Кореја, Чу Џонг-сик.
Договорот со корејската компанија „Ханва аероспејс“ (Hanwha Aerospace), вреден 435,2 милиони евра без ДДВ, предвидува набавка на 18 самоодни лансери со рок на испорака до 2029 година.
„Нашата одбранбена соработка дополнително се развива со потпишувањето Меморандум за разбирање меѓу министерствата за одбрана, како и договорот со корејската компанија ‘Ханва аероспејс’ за набавка на ракетниот артилериски систем К239 ‘Чунму’ и проектилите ЦТМ-Икс“, напиша Пленковиќ на социјалната мрежа Икс по средбата во владината резиденција Бански двори.
Податоците за дострелот на ракетите ги објави производителот. Претставници на компанијата „Ханва“ на саемот АДЕКС 2025 (ADEX 2025) наведоа дека ЦТМ-Икс овозможува зголемување на дострелот на ракетата ЦТМ-290 на околу 500 километри, при задржување на приближно 80 отсто од моќта на боевата глава, објави специјализираниот портал „Навал њуз“ (Naval News).
И норвешката Агенција за одбранбени материјали (FMA), која во јануари склучи договор за набавка на истиот ракетен систем, наведува дека „Чунму“ може да испукува високопрецизни балистички ракети на растојание до 500 километри.
Претходните најави на хрватските власти се однесуваа на ракети со дострел од 30 до повеќе од 300 километри, а овие балистички ракети треба да претставуваат дополнителна способност на хрватската армија во рамките на системот за одвраќање.
Хрватска на 10 септември ги потпиша договорите со компанијата „Ханва аероспејс“, а Пленковиќ тогаш изјави дека Хрватска добива воени способности какви што досега немала. Според извештаите на хрватските медиуми, системот „Чунму“ ќе ги надополни веќе договорените американски ракетни системи ХИМАРС (HIMARS).
Покрај одбранбената соработка, Пленковиќ и Чу Џонг-сик разговараа и за унапредување на трговската размена, јужнокорејските инвестиции во Хрватска и соработката во енергетиката, зелените технологии и сообраќајната инфраструктура, како и за поддршката за Украина и зајакнувањето на соработката меѓу европските и индо-пацифичките партнери.
МИА
Ново на Сител
-

Лишени од слобода 14 возачи за „безобѕирно управување возило“, 12 возеле без положен возачки испит
-

МНРиНТ за бегството на Михајлова: Постапувањето на бугарските државни институции ги подрива напорите што ги вложуваме за градење доверба
-

Мицкоски: Македонија ќе биде раскрсница на двата паневропски коридора и нејзиното геостратешко значење ќе биде поголемо
-

Роналдо го спореди своето соперништво со Меси на она на Сена и Прост во Формула 1
-

Директор на училиште и еден наставник повредени во пукање на југот на Франција
-

69-годишник од Грција пронајден починат во с.Ново Село, телото предадено на обдукција
-

Продолжуваат протестите во Франција, се очекуваат нови блокади на училиштата
-

Најмногу дожд во Тетово, најстудено на Попова Шапка
