Хрватска набавува јужнокорејски ракети со дострел до 500 километри, потврди Пленковиќ

Хрватска, во рамките на модернизацијата на својата армија, набавува јужнокорејски ракетен артилериски систем К239 „Чунму“ (Chunmoo) и балистички ракети ЦТМ-Икс (CTM-X) со дострел до 500 километри, потврди премиерот Андреј Пленковиќ по средбата во Загреб со претседателот на Националното собрание на Република Кореја, Чу Џонг-сик.
Договорот со корејската компанија „Ханва аероспејс“ (Hanwha Aerospace), вреден 435,2 милиони евра без ДДВ, предвидува набавка на 18 самоодни лансери со рок на испорака до 2029 година.
„Нашата одбранбена соработка дополнително се развива со потпишувањето Меморандум за разбирање меѓу министерствата за одбрана, како и договорот со корејската компанија ‘Ханва аероспејс’ за набавка на ракетниот артилериски систем К239 ‘Чунму’ и проектилите ЦТМ-Икс“, напиша Пленковиќ на социјалната мрежа Икс по средбата во владината резиденција Бански двори.
Податоците за дострелот на ракетите ги објави производителот. Претставници на компанијата „Ханва“ на саемот АДЕКС 2025 (ADEX 2025) наведоа дека ЦТМ-Икс овозможува зголемување на дострелот на ракетата ЦТМ-290 на околу 500 километри, при задржување на приближно 80 отсто од моќта на боевата глава, објави специјализираниот портал „Навал њуз“ (Naval News).
И норвешката Агенција за одбранбени материјали (FMA), која во јануари склучи договор за набавка на истиот ракетен систем, наведува дека „Чунму“ може да испукува високопрецизни балистички ракети на растојание до 500 километри.
Претходните најави на хрватските власти се однесуваа на ракети со дострел од 30 до повеќе од 300 километри, а овие балистички ракети треба да претставуваат дополнителна способност на хрватската армија во рамките на системот за одвраќање.
Хрватска на 10 септември ги потпиша договорите со компанијата „Ханва аероспејс“, а Пленковиќ тогаш изјави дека Хрватска добива воени способности какви што досега немала. Според извештаите на хрватските медиуми, системот „Чунму“ ќе ги надополни веќе договорените американски ракетни системи ХИМАРС (HIMARS).
Покрај одбранбената соработка, Пленковиќ и Чу Џонг-сик разговараа и за унапредување на трговската размена, јужнокорејските инвестиции во Хрватска и соработката во енергетиката, зелените технологии и сообраќајната инфраструктура, како и за поддршката за Украина и зајакнувањето на соработката меѓу европските и индо-пацифичките партнери.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски: Ќе дојде денот кога лидерите од опозицијата ќе се срамат од тоа што им го прават на Македонија и Македонците
-

Македонските аеродроми продолжуваат да рушат рекорди - опслужени 3,3 милиони патници со пораст од 29% годинава
-

Акциска контрола на возила за јавен превоз - за пет часа констатирани 92 неправилности
-

Претрес во Гостивар, пронајдени автоматски пиштол „Шкорпион“ и муниција, уапсено едно лице | ФОТО
-

Јустина Широка Пуља избрана за претседателка на Косово
-

Советници на Трамп платени со стотици илјади долари за изборен ангажман во Република Српска
-

Унгарија ја увери Бугарија во целосна солидарност по нападот со дрон во Црното Море
-

Харадинај: Курти повторно го води Косово на избори
