И годинава волонтери ќе трчаат за лицата со ретките болести на Скопски маратон
За подигнување на јавната свест за ретките болести и надминување на предизвиците со кои се соочуваат овие лица и годинава Здружението “Живот со предизвици” ќе учествува на скопскиот маратон.
- Ретките болести се доста комплексни и за решавање на проблемите со кои се соочуваат пациентите и семејствата со ретки болести е потребна соработка на сите заинтересирани страни, однсно здруженијата на пациенти мора да соработуваат заедно со државните институции како Министерство за Здравство, ФЗОМ, Министерство за труд и социјална политика, МАНУ, здравствени работници, фармацевтска индустрија ... други организации кои работат на поле на заштита на права на пациентите и слично. Само со заедничка работа преку добра комуникација може да се овозможи квалитет на живот, изјави Весна Алексовска, Претседател на Живот со Предизвици.
Оваа година заедно со “Живот со предизвици” на утрешниот Скопски маратон ќе бидат присутни и од здружението “Момент плус” кое ги застапува лицата со пулмонална хипертензија кое е многу ретко заболување.
- Пулмонална Хипертензија е заболување на белите дробови и срцето, нарушувања опасни по живот .Светскиот ден на ПХ /WPHD (World Pulmonary Hypertension Day) се одбележува низ цел свет на 5 мај, но активности во кампањата има во текот на целата годината. ПХ денот вклучува различни активности, вклучувајќи ја Кампањата "Остани без здив за пациентите со ПХ" повикувајќи ги луѓето да учествуваат во спортски настани со висока енергија во знак на солидарност со пациенти боледуваат од оваа болест, изјави Ѓурѓица Ќаева, од здружението Момент Плус за Пулмонална хипертензија.
За лицата со ретки болести на маратонот ќе трчаат околу 60-тина претставници на Скопско ноќно трчање.
- Скопско ноќно трчање како иницијатива за развивање на свеста за рекреативно трчање се приклучува кон поддршка на борбата со која се соочуваат лицата со ретки болести во Република Македонија преку 60 тина претставници кои ќе трчаат на 5, 21 и 42 км. Преку нашата иницијатива за рекреативно трчање повеќе пати сме давале поддршка на хуманитарни настани од различен карактер и чест и задоволство ни е да ја дадеме поддршката на Живот со предизвици втора година по ред, изјави Искра Јовановска од Скопско ноќно трчање.
Утре поради скопскиот маратон од 7.30 до 14 часот же бидат затворени повеќе улици во градот и ќе има изменет сообраќаен режим.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
