Македонија
28. August 2022 - 16:43

И оваа година нема да заврши процесот за ревизија на позитивната листа на лекови

Уште долго време лекарите ќе практикуваат медицина базирана на докази со стари лекови. Позитивната листа нема да биде ревидирана и оваа година бидејќи се уште не е формирана Комисијата која ќе прави нејзина ревизија. Иако министерот за здравство ја најави уште во јуни два месеца потоа процесот не е завршен.. Додека повеќе од една деценија ги чекаат здравствените власти, пациентите или купуваат од свој џеб или пијат по неколку лекови наместо едно апче кое содржи повеќе компоненти но не им е достапно со рецепт. Министерот за здравство за Сител изјави дека засега има само предлог Правилник кој се уште не е конечен.

- Прво чекаме да завршат консултациите со сите засегнати страни а потоа формирање на Комисијата. Кога ќе биде ревидирана зависи од динамиката, меѓутоа јас лично би посакал тоа да биде како што треба направено а не под притисок на времето, изјави Беким Сали министер за здравство.

Уште пред две години барање до Владата за ревидирање на позитивната листа доставил и Сојузот на пензионери а пациенти и здруженија постојано алармираат дека пијат лекови кои одамна се исфрлени од употреба во многу земји. Таков е случајот и со лицата со хроничен хепатит Б.

- Имаме некаква застарена терапија која во Европа и Сад е  веќе одамнасфлерна од употреба. Затоа и нашето барање до Министерството за здравство е оваа терапија што поскоро да се замени со нова, да не ги пуштаме нашите пациенти да одат во регионот да ја набавуваат лековите кои не се скапи, изјави Милан Мишковиќ претседател на здружението Хепта

Никола Тодоров кога раководеше со здравството формираше дури 14 комисии за позитивната листа кои воопшто не профункционираа. Венко Филипче ги укина и најави нова комисија но ковидот го спречи во реализација. Сегашниот министер Беким Сали во 2010 година кога беше претседател на Управниот одбор на Фондот е последниот кој потпишал поголемо ревидирање на листата.