И Струмица меѓу најзагадените градови
И Струмица повторно влезе меѓу градовите со висока загаденост на воздухот. Параметрите на мерната станица во изминатите неколку денови покажуваа концентрација на Пм 10 честички и на 400 милиграми на метар кубен. Според еко активистот и советник во новиот општински состав Ѓорѓи Танушев ваквите бројки ја сместуваат Струмица меѓу топ 10 најзагадени градови во светот. Апелира до општината за итни мерки пред се во делот на инспекциските служби кои треба да ги детектираат загадувачите.
,,Општината мора да преземе мерки пред се во делот на инспекциските служби затоа што јас не сум сигурен дека инспекциските служби посебно во делот на екологија ги вршат неопходните проверки онака како што треба да бидат направени според законот затоа што не видов ниту еден извештај, не само во нашата општина, зборувам за целата струмичка котлина, практично нема никаде никаква информација колку биле излезени на терен, што направиле, како се решени и воопшто дали излегле, вели Ѓорѓи Танушев - советник во општина Струмица.
Поради високата загаденост на воздухот општината од вчера излезе и со повеќе препораки кои меѓу другото предвидуваат ослободување од работни обврски повеќе категори на граѓани, реорганизација на работното време, забрана за спортски натпревари и манифестации на отворено. Градоначалникот Костадин Костадинов информираше дека инспекциите веќе работеле на терен, а за да се зголеми нивната ефикасност до советот предложил формирање на посебно работно тело за мапирање на потенцијалните загадувачи.
,,Пред советниците излегов со еден предлог, јас се надевам дека после празниците ќе направиме едно своевидно работно тело во кое што ќе партиципираат повеќе советници од различни политички партии каде што дополнително заедно со инспекциите во општина Струмица ќе работат на терен за мапирање на потенцијалните загадувачи. Ова е сериозен предизвик кој што не можеме да го решиме за два месеци, нормално не во мојот мандат но Струмица има добра основа да го решава прпблемот. Тоа е првата системски гасифицирана општина во државата, вели Костадин Костадинов - градоначачник на општина Струмица.
Како дополнителен мотив за зголемување на приклучоците на гасоводната мрежа треба да бидат и новите поволности и субвенции за граѓаните кои општината ги предвиде во буџетот за следната година.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар