Идентификувани уште 16 тела во пожарот во Кранс-Монтана
Марш за жртвите во Кранс-Монтана на кој се придружија и припадниците на противпожарната служба и Итната медицинска помош.
- Беше важен момент да се собереме заедно и да размениме поддршка едни со други. Тоа беше многу, многу важен момент во оваа трагедија. А исто така и за целиот спасувачки тим, да им се заблагодариме, бидејќи она што го направија е едноставно неверојатно.
Жители и туристи ја преполнија црквата во швајцарскиот ски-центар Кранс Монтана за миса посветена на жртвите од пожарот во бар во кој на новогодишната ноќ загинаа најмалку 40 луѓе, а 119 се повредени.
„Монтана стана како Ерусалим за кој Исаија зборува ова утро, и тоа поради вкрстувањето на погледите. Објективите на светските медиуми се вперени кон нас. Им благодариме што го повикаа сочувството кое на семејствата на жртвите – повредени или ужалени – толку многу им е потребно.“
Швајцарската полиција денеска соопшти дека идентификувани се уште 16 тела. Меѓу нив има 10 Швајцарци, двајца Италијанци, едно лице со двојно државјанство на Италија и Обединетите Арапски Емирати, еден Романец, еден Французин и еден Турчин. Со тоа, швајцарските власти вкупно досега идентификуваа 24 загинати во пожарот, меѓу кои и Македонецот Стивен Ивановски.
Тамошното обвинителство најави отворање на кривична постапка против двајцата француски управители на барот. Тие се сомничат за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар од небрежност. Сепак, дури откако ќе заврши истрагата, јавното обвинителство ќе одлучи дали ќе го затвори случајот или ќе подигне обвинение. Сопствениците, Жак и Џесика Морети се сопственици на четири барови и ресторани во Кранс-Монтана и околината. Веќе беа на сослушување, но во својство на сведоци.
Истражителите ќе ги испитуваат пристапите до подрумот, кадешто и избувна пожарот, како и звучната изолација која била поставена на таванот во подрумот на барот. Токму таа звучна изолација се запалила прва од прскалки поставени на шампањи. Швајцарското обвинителство ќе треба да открие дали изолацијата која била поставена е согласно стандардите и прописите.
Сепак, граѓаните веќе бараат правда за жртвите.
Правдата мора да биде задоволена. Важно е ваква трагедија да не се повтори. И истрагата мора да биде направена навистина темелно, бидејќи тоа е... во денешно време, неверојатно е да може да се случи такво нешто.
Трагедијата во Швајцарија, која многу наликува на таа во Кочани, исто така се смета за една од најголемите во поновата историја на државата.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
