Македонија
10. јуни 2025 - 21:16

Идризи за Сител: Не го направив намерно, случајот се политизира

Директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците кој одби да одговара на прашања поставени на македонски јазик, ја менува реториката. Во изјава за Сител вели дека не го направил намерно туку да не ја згреши терминологијата. Обвинува дека случајот се политизирал. Дали ќе го почитува предупредувањето од премиерот и нема да го повтори истото однесување,  вели времето ќе покажело. 

Следното одбивање да говори на македонски јазик ќе го чини и разрешување од функцијата директор на Инспекторатот за јазици. Идризи доби само уште една шанса од премиерот да управува со институцијата.

Владини извори за Сител потврдуваат дека за однесувањето на Идризи се отворила дискусија и на денешната владина седница. Издризи и неговите колеги инспектори бараа плата и решение од сите пратеници , но затоа одбија да одговараат на прашања од македонските новинари, на македонски јазик како службен јазик. 

Можното разрешување го најави и министерот за политички систем Иван Стоилковиќ под чија надлежност е и самиот Инспекторат.

По неговата изјава реагираа од ДУИ обвинувајќи дека власта продолжува со организирано и системско отстранување на албанскиот јазик од државниот систем

Скандалот е продлабочен од страна на Министерот за политички систем, кој вчера изјави дека ќе го смени директорот на Инспекторатот не поради неработење, туку за да му го покаже местото. Оваа изјава е директна демонстрација на институционален притисок и понижување врз службената употреба на албанскиот јазик.

По донесување на законското решение за организација и работа на органите на државната управа кое е заглавено во Парламентот, ќе се реши проблемот со платите на вработените во Инспекторатот. Истовремено ќе го отвори патот за формирање на Национална Агенција во која ќе влезат и Институтот за употребна на јазиците и Институтот за употреба на македонски стандарден јазик.