Игуменот Георгиј едногласно избран за нов Митрополит Дебарско-кичевски
Неговото Високопреподобие, игуменот Георгиј (Ѓорѓевски) на денешната седница на Светиот Архијерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија беше едногласно избран за нов митрополит Дебарско-кичевски.
Тронот на Дебарско-кичевската епархија остана упразнет по упокојувањето на Митрополитот Тимотеј во ноември минатата година.
Денот на ракополагањето во епископски чин на игуменот Георгиј ќе биде дополнително објавен.
Биографија на новоизбраниот Митрополит Георгиј (Ѓорѓевски)
Неговото Високопреподобие игуменот Георгиј (Ѓорѓевски) – новоизбран митрополит Дебарско-кичевски, е роден на 24 јули 1968 година во Скопје, како второ дете во благочестивото семејство на Душан и Даница. По завршувањето на основното образование во 1982 година, се запишува во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево и како дел од деветнаесетта генерација богослови матурира во 1986 година. Високото богословско образование го продолжува на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје, каде и дипломира; а во октомври 1990 година се враќа во Богословијата во Драчево и во текот на следните три години ги предава предметите: Свето писмо на Стариот и Новиот завет, Црковнословенски јазик, Старогрчки јазик, Латински јазик, Црковно пеење и Теорија на музиката.
Во 1993 година започнува со последипломски студии на Источниот институт во Регенсбург – Германија, а следната година заминува за Рим, Италија, каде што во 1996 година магистрира; потоа и докторира во 2000 година на одделот за Библиски студии при Теолошкиот факултет на Понтификалниот Универзитет „Грегоријана“ во Рим – Италија.
После враќањето од последипломските студии во 1999 година, две години предава во Богословијата (Свето писмо Стариот Завет, Црковнословенски јазик и Старогрчки јазик); а од 2001 година е професор на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје, по предметите Вовед и Егезегеза на Светото писмо на Стариот завет и Библиска историја со археологија.
Од 2000 до 2010 година ја извршува должноста шеф на Кабинет на Архиепископот, а од 2000 до 2007 година е и секретар на Американско-канадската православна епархија.
Во периодот од 2010 до 2014 година ја извршува функцијата амбасадор на Република Македонија при Светата Столица во Рим.
По завршувањето на мандатот, повторно се враќа како професор на Богословскиот факултет, а во периодот од 2016 до 2023 година во два мандати е декан на Факултетот.
Активно учествува во работата на Македонското библиско здружение, а од 2020 година ја извршува должноста генерален секретар. Тој е вклучен во завршниот дел при подготовката на ревидираното издание на Светото писмо во 2006 година, а воедно е и координатор на преведувањето на Новиот завет (2023) и Псалмите (2024) од оригиналните јазици. Член е и на комисијата на Македонската Православна Црква за превод на Богослужбеното Евангелие (2008).
За време на школувањето во Богословијата неколку години е уредник на списанието „Млад богослов“, додека за време на студиите на Факултетот е уредник на студентското списание „Православен благовесник“. Од 2002 до 2006 година е главен уредник на „Православен пат“, од 2016 година е уредник на Годишниот зборник на Православниот богословски факултет, а од 2025 година е претседател на уредувачкиот одбор при Факултетот. Автор е на неколку книги и повеќе научни трудови.
Од странските јазици, активно ги говори италијанскиот и англискиот јазик, а се користи и со германскиот и францускиот јазик.
Замонашен е на 27 мај 2025 година во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ – Криви Дол во Скопје. За јероѓакон е ракоположен на 28 мај 2025 година, на празникот на светите Гаврил Велички и Ахил Преспански; а за јеромонах на 29 мај 2025 година, на празникот на Вознесението Христово. На 8 јуни 2025 година, на празникот Педесетница е произведен во игуменски чин.
На многаја лета, новоизбран Митрополиту Дебарско-кичевски!
Ново на Сител
-
Франција повика на воздржаност по израелските напади врз Иран
-
Кремљ ја осуди острата ескалација на тензиите меѓу Израел и Иран
-
Успешно изведени две трансплантации на коска од починат донор на Клиниката за ортопедски болести при ТОАРИЛУЦ
-
Јорданската армија пресретна дронови и ракети во својот воздушен простор
-
Приведен возач од дебарско, возел со 2,69 промили алкохол во крвта
-
Либанскиот претседател Аун ги осуди израелските напади врз Иран и повика меѓународната заедница да преземе мерки
-
Почнува уписот во средните училишта за 2025/2026 - од утре прво електронско пријавување во јуни
-
Мадбули: Египет внимателно ја следи ситуацијата во регионот по израелската воена операција во Иран