Илјадници пациенти плаќале за операции на очи кои веќе ги покрил Фондот: Осум лица приведени

Единаесет физички лица, меѓу кои поранешни и сегашни функционери на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), како и една приватна здравствена установа, се опфатени со кривична пријава во рамки на истрага за сомнежи за незаконитости поврзани со операции на очи, додека осум лица се лишени од слобода во денешната полициска акција спроведена од Министерството за внатрешни работи во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Како што соопшти МВР, полициската акција била реализирана поради сомневања за злоупотреби при склучување и спроведување договори меѓу ФЗО и приватна здравствена установа, при што, според наводите во истрагата, биле фактурирани здравствени услуги со невистинита содржина и извршувана двојна наплата, и од Фондот и од пациентите.
Во рамки на акцијата биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје, како и на по една локација во Тетово и Куманово. При претресите биле пронајдени и одземени околу 50.000 евра, како и мобилни телефони.
- Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против 11 физички лица, од кои еден албански државјанин и едно правно лице, и тоа: Д.Д.(60) од Скопје, О.Р.(66) од Тетово и С.Б.(59) од Скопје за „злоупотреба на службената положба и овластување“ (чл.353 ст.5) в.в (чл.45) од Кривичниот законик, Р.А.(45) од Куманово за „несовесно работење во службата“ (чл.353-в ст.3) в.в (чл.45) од Кривичниот законик, З.А.(35) од Скопје за „фалсификување или уништување деловни книги“ (чл.280) од Кривичниот законик, В.Ќ. (47) од Скопје, С.А.(40) од Скопје и Г.А.(33) од Р. Албанија за „злоупотреба на службената положба и овластување“ (чл.353 ст.3) в.в (чл.45) и „измама во службата“ (чл.355) од Кривичниот законик, Ц.С.(47) од Скопје, Ж.С.(58) од Скопје и И.П.(49) од Скопје за „несовесно работење во службата“(чл.353-в ст.2) в.в (чл.45) од Кривичниот законик и против приватната здравствена установа од Скопје за „перење пари и други приноси од казниво дело“ (чл.273 ст.12) в.в (чл.22 и чл.45) од Кривичниот законик - стои во соопштението од МВР.
Според информациите од МВР, двајца тогашни директори на ФЗО во 2020 година заедно со претставник на приватната здравствена установа склучиле договор спротивно на пропишаните процедури и интерни акти на Фондот, додека претседателот на Управниот одбор се сомничи за неправилности при неговото одобрување.
Истрагата покажала сомнежи дека преку внесување невистинити податоци во електронскиот систем на ФЗО и изготвување фактури со невистинита содржина, здравствената установа наплаќала исти здравствени услуги и од Фондот и од пациентите. На пациентите, освен законската партиципација, им била наплатувана и приватна цена за интервенциите, без да бидат информирани дека услугите веќе се фактурираат и до ФЗО.
- Пријавениот директор на Секторот за контрола се сомничи дека не ги доставувал извештаите за утврдените неправилности до надлежната комисија и го одлагал спроведувањето редовни контроли, со што се избегнувало изрекување дополнителни договорни казни и можно раскинување на договорот. Две раководителки на Подрачната служба Скопје се сомничат дека не ја следеле наплатата на веќе изречените казни и не ги известувале надлежните служби, поради што исплатите кон установата продолжувале без пребивање на долговите - дополнуваат оттаму.
Воедно, постојат и сомнежи дека средствата исплатени од ФЗО, за кои овластените лица во установата знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесувани во платниот промет, евидентирани на различни сметководствени конта и користени за плати, набавки и други исплати.
Според МВР, со ваквите дејствија е предизвикана штета на буџетот на ФЗО од 104.818.754 денари или околу 1,7 милиони евра по основ на исплати по фиктивни фактури, како и дополнителни 525.000 денари поради ненаплатени договорни казни.
- Постојат сомнежи дека во периодот од 2022 до 2025 година здравствената установа се стекнала со противправна имотна корист од 261.271.961 денар, односно околу 4,25 милиони евра. Со опишаната двојна наплата, според пријавата, биле оштетени меѓу 3.000 и 4.000 пациенти - наведуваат од МВР.
Ново на Сител
-

Малолетничка пријавила дека била допирана по телото од ученик во основно училиште во Скопје
-

Кривична за маж кој 8 месеци силувал дете помало од 15 години
-

Мицкоски: По шест месеци најавување „скандали“ за унгарскиот кредит, нема ниту „К“ од криминал, парите се за економија
-

Сведочење на судењето на 13 полицајци за „Пулс“: Не изгледаше дека ќе биде сериозна ситуација
-

Мицкоски до Филипче за рудниците: Ние не ја распродаваме државата, туку го враќаме она што вие го распродадовте
-

Мицкоски: Инвестираме во модернизација на институциите и подобри јавни услуги
-

Не ја затворил ниту вратата од автомобилот – 44-годишник со 2,78 промили алкохол во крвта уапсен во Кочани
-

Полицијата нема да признава лична карта и возачка дозвола на телефон – граѓаните мора да ги носат пластичните
