Илјадници вакцини ќе бидат уништени - резерви има, интерес за вакцинација нема
На залиха повеќе од 600.000 вакцини а на имунизација неделно одат едвај 5000 граѓани. Интерес за заштита од Ковид-19 нема а тоа го покажува и извештајот на ИЈЗ. Од 14 до 20ти овој месец само 550 лица примиле прва а нешто повеќе од 3000 биле боцнати со трета доза.
Дополнителни 66.000 вакцини наместо за заштита на населението ќе завршат во печките во Дрисла поради поминат рок. Нивното уништување нема многу да го чини министерството за здравство, за разлика, пак, од набавката.
Со сегашното темпо на посета на диспанзерите, уште стотици илјади дози летово ќе бидат повлечени бидејќи крајниот рок на важност е јули, односно за 5 месеци.
250/000 од сегашните количини на Фајзер се преку Ковакс механизмот а дополнително во земјата треба да стигнат уште половина милион дози согласно договорот на МЗ со производителот.
-Министерството за здравство, исто така, располага со одредени количини вакцини Sinopharm и Sinovac, кои претежно се користат за втора доза.
Во однос на лицата кои примиле само една доза на вакцина Sputnik V, националната комисија за имунизација препорачува комплетирање на вакцинацијата со давање на втора доза на мРНА вакцина – Pfizer, одговорија од МЗ.
За една година откако е почнат процесот на имунизација во земјата вакцинирани се 42 проценти од населението од кои само 5 проценти имаат примено бустер. Се уште нема интензивни кампањи што ги најави министерот за здравство, освен последниот предлог од Комисијата за заразни болести трудниците да одат на работа со препорака да примат вакцина.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
