Илјадници жители на Берлин се уште се без струја и греење

Илјадници жители на Берлин и денеска се без струја и греење по нападот врз електроенергетската мрежа за време на викендот, кој го парализираше снабдувањето во југозападниот дел од главниот град на Германија кој е под снег.
Околу 45.000 домаќинства и повеќе од 2.200 бизниси во населбите Николасе, Зелендорф, Ванзе и Лихтерфелде беа исклучени рано во саботата, откако каблите што водат до електроцентрала беа запалени од, како што ги идентификуваа властите, група левичарски милитанти, јави ДПА.
Оттогаш, на околу 14.000 домаќинства и околу 500 бизниси повторно им е воспоставено снабдувањето со струја, но операторот „Штромнец Берлин“ соопшти дека може да потрае до четврток додека сите повторно бидат приклучени на мрежата, бидејќи поправките се сложени.
Со температури кои се движат под 0 степени Целзиусови, некои училишта и градинки во таа област останаа затворени на првиот училишен ден по божиќните празници.
Полицијата, пожарникарите и војската се распоредени во погодените области за да им помогнат на оние кои не можеле да најдат засолниште кај семејство или пријатели во други делови на Берлин.
Болниците можеа да продолжат со работа благодарение на генератори и оттогаш им е обновено снабдувањето со струја, но многу домови за стари лица и понатаму се погодени, при што хуманитарните организации и противпожарната служба поставуваат засолништа за оние на кои им е потребна помош.
Во писмо во кое презеде одговорност објавено онлајн во неделата, левичарската екстремистичка група „Вулкангрупе“ (Vulkangruppe – Група Вулкан) наведува дека „успешно саботирала“ гасна електроцентрала во Лихтерфелде.
Групата соопшти дека нејзината примарна цел била да ја таргетира индустријата за фосилни горива, наведувајќи дека акцијата „резултирала со прекини на електричната енергија во побогатите населби Ванзе, Зелендорф и Николасе“.
– Им се извинуваме на помалку богатите жители на југозападен Берлин, изјави групата.
Берлинските власти вчера изјавија дека сметаат оти писмото е автентично.
МИА
Ново на Сител
-

Филипче: Загрозен вториот пензиски столб, дупката во ПИОМ е 40%
-

ПИОМ по ревизорскиот извештај – Редовноста на пензиите не е доведена во прашање
-

За околу 300 евра повисоки плати ќе добијат уставните судии ако нема законски измени
-

„Здрава Котлина“ порачува, рудник на Огражден нема да има, Владата мора повторно да одлучува
-

Успешен во светот, подготвен да помогне дома – Авнија Насуфоски постојан набљудувач во канцеларијата на ОН во Женева
-

Околу 70 поети на Струшките вечери на поезијата
-

Бугарскиот амбасадор повикан во македонското МНР за дипломатската нота за семејството на премиерот
-

Муцунски даде отчет за сработеното во изминатите две години
